„Бистро-матно“ е најновиот месечен извештај на „Транспаренси Интернешнл“ за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата во Македонија. Па, така, во „матните“ е поранешната прва антикорупционерка, Татјана Димитровска за која е нотирано дека направила упад во системот за класифицирани информации. Против неа беше поднесено обвинение за оддавање на службени тајни во предметот „Адитив“, во петокот поднесе оставка на функцијата во ДКСК и се враќа на позиција во Државниот завод за ревизија (ДЗР).
„Таа вадела и фотографирала податоци од предметите на Антикорупциската комисија кои се однесуваат на набавки на адитиви во енергетскиот државен сектор и за набавка на мазут на обвинетиот Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“ и поранешен директор на ТЕЦ Неготино. Но, шокантно е што при проверката на службениот телефон на Димитровска во рамките на истрагата било откриена дека таа и уште еден државен службеник, односно ревизор, направиле фалсификат и упад во системот за класифицирани информации“, се наведува во извештајот на „Транспаренси Интернешнл“.
Место меѓу „матните“ во извештајот на „Транспаренси“ најдоа и старите болки во новиот извештај на Европската Комисија за земјава. По него и за, според обвинителството, криминалната мрежа со инвалидски пензии и стекнување на право за туѓа нега.
„Лекари, адвокати и останати службеници вплеткани во криминална мрежа со инвалидски пензии и добивање право за туѓа нега – 36 лица се осомничени за злоупотреби при доделување на права за туѓа нега и инвалидска пензија. По неколкумесечна истрага, од обвинителството тврдат дека осомничените, како дел од две криминални групи, посредувале и овозможувале незаконско стекнување право за инвалидска пензија и туѓа нега за што наплаќале помеѓу 150 и 5.000 евра. Десетмина се товарат за злосторничко здружување, давање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, петмина се обвинети за злосторничко здружување и примање поткуп, додека останатите 19 лица се обвинети за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание“, истакнува „Транспаренси“ во јулскиот извештај.
Не останаа незабележани ниту извештајот на Државниот завод за ревизија кој откри сериозни системски слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување во 2023 година, како и за финансиски и системски неправилности кај Државното правобранителство. Уште еден извештај на ревизорите се најде во „матните“ на „Транспаренси“ за изминатиот месец. Се однесува на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во кој се вели „не постои од 2017 година, а сè уште работи“.
„Државниот завод за ревизија не може да ја потврди билнсната состојба на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт (ЈП) поради тоа што повеќе години наназад не е извршен попис на средствата, побарувањата и обврските и не е вршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката утврдена со попис, голем дел од документацијата на ЈП е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки од надлежни органи“, пренесува „Транспаренси“ заклучоци на ДЗР.
Во делот на „бистри“ е лишувањето од слобода на очна докторка од Битола поради примање поткуп, обвинението против поранешниот директор на Геријатрија кој се товари за барање мито од 20.000 евра од сведок за сместување на лице во тешка здравствена состојба во установата „13 Ноември“.
Сашко Димовски











