Екс-претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, нема да седне во обивнителна клупа заедно со Небојша Стојановиќ, кому според обвинителството му оддавала службена тајна и со останатите обвинети во предметот „Адитив“.
Судечкиот совет одлучи да го одбие предлогот на обвинителството за спојување на двата предмета со што на Димитровска и уште тројца други обвинети ќе им се суди во посебен предмет.
Судиите ги имале предвид и доказите, но и тоа дека во предметог „Адитив“, заедно со над 30 други обвинети може да имаат подолго судење.
„Немам право да ја коментирам судската одлука. Ние сметавме дека треба да биде споена постапката затоа што сметавме дека постои поврзаност меѓу обвинетите и доказите“ – изјави обвинителот во ОЈО ГОКК, Фатон Азизи.
„Судот донесе правилна одлука . Бидејќи дејствијата што и се ставаат на товар на Димитровска немаат никаква поврзаност со дејствијата на обвинетите во овој кривичен предмет“ – рече Владимир Туфегџиќ, адвокат на Димитровска.
Туфегџиќ добил потврда од Антикорупциска дека информацииите со кои тие располагаат не се службена тајна а тврди дека Димитровска неосновано се гони и за другото кривично дело – „компјутерски фалсификат“.
Обвинителството ја товари дека наместо неа ревизорот Столевски од ДЗР ѝ го положил тестот за сертификат за Државна тајна но според одбраната се работи за курс кој нема суштинско значење за добивање на сертификатот.
„Апсолутно нема никаква кривична одговорност бидејќи лицето кое ги внесувало податоците, тоа го правело заедно со Татјана Димитровска и јавноста треба да знае секој што е заинтересиран може да аплицира 30-тина пати во денот, нема строго пропишана форма и контрола и полагањето може да се врши и со закон пред себе“ -додаде Туфегџиќ.
Обвинителството контра-аргументите ги чува за во судница.
Димитровска не беше повикана за денешното рочиште.
Покана ќе добие за судење откако судијата кај кого е распореден предметот ке го закаже стартот
Елена Ивановска Мукоска











