Снабдувањето со нафта и нафтени деривати во Македонија е стабилно и нема да има ограничување на точење, како што најавија некои од земјите во регионот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека потрошувачката на нафтени деривати е зголемена за повеќе од 10 проценти, со оглед на тоа што и граѓани на соседните држави полнат гориво на бензинските во пограничните места во Македонија, затоа што тука е поевтино, во некои случаи и за половина евро по литар.
„Но, и покрај тоа, стабилното снабдување за граѓаните и стопанството останува наш приоритет и во овој момент тука немаме никакви негативни очекувања, туку напротив, останува стабилно, да обезбедиме доволни количини и за нашите граѓани, но истовремено, доколку граѓаните од соседните држави ценат дека тоа ќе придонесе за подобрување на нивниот животен стандард, ние како држава стоиме на располагање“, рече Мицкоски.
Тој рече дека продуктоводот до Грција е во целосна функција и снабдувањето не е загрозено.
Цените на нафтата на светските берзи драстично пораснаа во изминативе три недели по американскиот и израелски напад врз Иран. Техеран потоа ја нападна нафтената инфраструктура во земјите од Персискиот Залив и го затвори Ормускиот Теснец низ кој поминува околу 20 отсто од нафтата во светот, што ги вивна цените на суровата нафта над 100 долари за барел.
Владата минатата недела го намали ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, а ОКТА го зголеми попустот на дизелот од 2 на 3 денари. Сепак, и покрај тоа горивата значително поскапеа. Мицкоски вели дека има план и за понатамошни мерки ако кризата ескалира.
За опозицијата, пак, овие мерки се премалку и предоцна. Лидерот на СДСМ Венко Филипче вели премиерот да провери во архивите како владите на СДСМ се справувале со кризи.
„Само со намалувањето на ДДВ-то на горивата компаниите никако не ја чувствуваат како бенефит. Зошто? Поради тоа што компаниите имаат поврат на ДДВ-то од горивата, а тоа значи дека тие, на тие пари колкав и да е процентот ќе си ги вратат, нив ќе си ги вратат, но нив им преставува тежина основниот процент на горивата која што зависи од светските берзи. Со намалување на акцизата цената на литар гориво ќе се намали. Од тоа директен бенефит ќе имаат и компаниите, нема да влијае тоа во дополнителниот синџир на раст на другите цени, на кој што бизнисот ќе влијае поради тоа што се соочува со повисока цена на горивата. Понатаму намалување на цените на патарините, мора да им се олесни на луѓето во оваа тешка криза, а дополнително како втора работа посебни пакети и мерки за посебни категории на граѓани“, објасни Филипче.
Србија и Црна Гора ги намалија акцизите за горивата за да го ограничат поскапувањето, а Босна и Херцеговина и Хрватска воведоа ценовни ограничувања. Словенија го ограничи точењето на горива на 50 литри за граѓаните и 200 литри за фирмите, откако жители на Австрија и Италија, поради пониските цени, почнаа масовно да полнат гориво на словенечките бензински пумпи со што ја зголемија потрошувачката.
Србија, пак, ја продолжи забраната за извоз на горива до 2 април за да обезбеди доволни количини за домашниот пазар, а Хрватските медиуми јавуваат за недостиг на гориво, особено во помалите места.
Срѓан Стојанчов
Дигитална обработка: Т.Д.











