Најмалку 51 лице загина, а 223 се ранети во последните израелски напади врз Либан, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад. Со тоа според статистиките на либанското министерство во земјата од почетокот на неделава убиени се над 700 лица, а 5.000 се повредени, меѓу нив голем број деца и жени. Вчера американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД се залагаат за 21-дневен прекин на огнот за да се овозможи преговори меѓу Израел и Хезболах.
„Повикавме на 21-дневен прекин на огнот долж границата со Израел и Либан. Можевме да генерираме значителна поддршка од Европа, како и од арапските нации. Важно е војната да не се прошири“ изјави претседателот на САД, Џо Бајден.
Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, вчера пред Советот за безбедност изјави дека неговата земја не бара „целосна војна“ со Либан, но објасни дека земјата мора да се брани. Тој рече дека Израел е „под напад“, а Хезболах е виновен за ескалацијата на насилството. Пратеникот, исто така, го нападна Иран, обвинувајќи го дека е „пајакот во центарот на оваа мрежа на насилство“.
„Можеби некои од вас заборавиле како започна ова и зошто мора да се браниме. Но, ние не го направивме тоа. Ви ја давам оваа декларација денес, за да го отстранам секој сомнеж: Никогаш повеќе. Еврејскиот народ никогаш повеќе нема да се крие од чудовиштата чија цел во животот е да убиваат Евреи. Никогаш повеќе нема да им обезбедиме корист од сомнежот на оние кои изјавија дека имаат намера да убиваат Евреи, кога веќе кажуваат и ни покажуваат кои се тие, ќе им веруваме“ посочи Израелски амбасадор Дeни Данон.
Данон ја потврди посветеноста на Израел кон резолуцијата на Советот за безбедност која стави крај на војната меѓу Израел и Хезболах во 2006 година. Никогаш не беше целосно спроведен, тој повика на прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах, повлекување на израелските сили од Либан кои треба да бидат заменети со либански сили, и мировници на ОН и разоружување на сите вооружени групи вклучувајќи го Хезболах. Данон побара резолуцијата да се спроведе во целост без одлагање.
Шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи синоќа изјави дека регионот на Блискиот Исток е на работ на катастрофа со целосен обем поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хамас, и предупреди дека Техеран нема да остане рамнодушен во случај на војна во Либан.
„Иран веќе покажа огромно трпение и воздржаност заради регионалниот мир и стабилност. Иран цврсто стои до своето вродено право да ги брани своите витални интереси“ изјави Шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи.
Тензиите меѓу Израел и Хезболах ескалираа неделава, откако Тел Авив започна бомбардирање на голем број позиции на Хезболах во јужен Либан, милитантна организација подржана од Иран. Целта според Израел е да го обезбеди интегритетот и безбедноста на северот на земјата и да ги врати раселените лица кои беа евакуирани поради константните ракетни прекугранични напади. Хезболах врши напади врз Израел под изговор дека изразува солидарност со Хамас и вети дека ќе прекине кога ќе заврши војната во Газа.
Теа Димковска











