Безживотни тела на три лица биле извлечени од морето по несреќата со мигранти што се случи рано утрово јужно од грчкиот остров Крит, додека спасени се 20 лица, информираа од крајбрежната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Локалните медиуми од Крит пишуваат дека во превртениот чамец загинале пет лица, а околу 20 се исчезнати, меѓутоа засега не постои официјална потврда на овие информации.
„Во врска со операцијата за потрага и спасување, под координација на Националниот центар за координација на пребарување и спасување (ЕКСЕД), во морската област на 15 наутички милји јужно од Кали Лименес, спасени се вкупно 20 странски државјани од товарен брод што пренесува контејнери и плови под панамско знаме, а се пренесуваат на пристаништето во Кали Лименес. Дополнително, од брод на силите на Фронтекс извлечени се три тела. Потрагата продолжува“, информираа од крајбрежната служба.











