Замената на, од Уставниот суд, укинатиот балансер, во форма на Закон за соодветна и правична застапеност, ја почна собраниската расправа со опозициски тврдења за обид за мајоризација врз немнозинските заедници, за решение со форма наместо содржина кое не го споменува Охридскиот рамковен договор кој е основа на рамномерната застапеност на граѓаните.
-Бараме нешто наједноставно и најважно, според нас, со закот да се признае зошто постои и од каде произлегува правичната застапеност. Вие не може да ги избегнувате историските моменти, рече Сали Мурати од Европски Фронт.
-Овој закон зборува за соодветна и правична застапеност, но ако внимателно го читаме, ќе видиме дека предлагачот премногу се задоволил со формата, а премалку се занимава со суштината, кажа Фатмир Битиќи од СДСМ.
Вицепремиерот Беким Сали кој го застапуваше законот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, се изјасни дека не ги прифаќа амандманите
Поради што сите опозициски амандмани не ја добиваа потребната поддршка, а претставниците на владеачката ВРЕДИ со контра обвинувања дека амандманите на ДУИ и албанската опозиција имаат за цел- блокада на законот.
-Сите амандмани кои се предложени, не се за да доставите некое подобро решение туку само сте ги изготвиле на ист начин, за да може законот да се блокира. Бидејќи тоа е Вашата цел, а јавноста треба да го знае тоа, реплицираше пратеничката на Вреди, Имрлије Салиу Фетаи.
Некои од опозициската страна предупредуваа дека без јасни критериуми за етничка припадност ќе има злоупотреби кон Албанците, а дискусијата на Зијадин Села предизвика и конфронтација со владеачките пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои не дебатираа на говорница, но видоа закани во излагањето.
-Вие имате деца дома, дали знаете што значи овој закон за нив. Ние само што ги поминавме матурантите, рече пратеникот Зијадин Села на што од салата се слушна коментар “ама се закануваш често”.
-Не знам како тебе ти звучи, може да го земеш како сакаш, не се заканувам, рече Села додека комисискиот претседател Пренџов побара смиреносг и да нема навреди во дебатата.
Во комисијата се расправаше само за 4 амандмани од десетината поднесени на опозицијата, но не беше прифатен ниту еден. Законот треба да ја подобри систематската ефикасност и рамноправност на сите етнички заедниц, стои во предлогот доставен до пратениците и регулира како процентуално ќе се мери застапеноста, со почитување на правилата за квалитет и способност на сите кандидати за работа во државно.
Миомир Серафиновиќ











