Над 800.000 евра исплатил Фондот за пензиско за 206 лица ангажирани со договор на дело за кои државната ревизија не нашла евиденција дека биле присутни на работа. Договорите биле од два месеца до една година, а во нив немало ниту обврска да доставуваат извештаи за сработеното. Ова е една од слабости кои се евидентирани во извештајот на ДЗР за Фондот на ПИОМ во 2023 година. Неправилности ревизорите откриле и во начинот на спроведување на јавните набавки. И во овој ревизорски извештај, како претходниот, се повторуваат забелешки за тендерот за градежно-занаетчиски работи за кој се склучени договори и анекси во износ од, речиси, 600.000 евра.
Во подрачните единици на ПИОМ, ревизорите констатирале неажурно работење, стари нерешени предмети, предмети кои се чуваат во несоодветни услови и постојат можности за нивно оштетување и кражба. Во извештајот имаат забелешки и дека била и плаќана финансиската поддршка на социјално ранливите категории по распишувањето на изборите во 2024 година.
Придонеси од плата во 2023 година не се доволни за покривање на дефицитот од 33% за исплата на пензии. Третина од пензиите се исплаќани од Буџетот. Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814.
Фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во Секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Фондот, пишува во извештајот на ДЗР.
Елена Ивановска Мукоска











