Важно е да се охрабрат новите генерации дека има иднина во модната и во текстилната индустрија, да се подигне свеста за новите технологии кои доаѓаат и истите тие современи пристапи да бидат составен дел од наставните содржини, за и натаму да не се соочуваме со поразителни факти дека се намалува бројот на ученици во средните текстилни училишта, смета модната дизајнерка Ирина Тошева.
„Значи треба да има вметнување на дигиталните алатки, дигитална изработка на кроеви. Тоа е идна професија која отвора можности, како што споменав да живееме тука, а да работиме за најјаките брендови надвор. Веќе имаме и такви успешни компании во Македонија што се убав пример. Исто така, тие деца понатаму можат и да работат и во гејминг индустријата, значи во друга индустрија, а сепак да бидат дизајнери. Според мене, треба повеќе да се фокусираме на дизајнот и на занаетчиството кое што исто, за жал, изумира. Низ овие проекти ги учиме на различни вештини, кои доколку нивните професорки во школото не ги научат, едноставно во програмата ги нема. Да им покажеме дека работата со раце што вештачката интелигенција нема да ја замени, тие можат да бидат конкурентни на пазарот и уште од сега од 17, 18 години да си започнат некој сопствен, мал, бизнис“, додава Тошева.
„Потреба од примена на дигитални алатки, потреба од знаење на дигитални вештини кои што ние како училиште сè помалку ги имаме“, смета Росица Шабанова, директорка на СОУ „Богданци“ од Богданци.
Започнаа промени во дуалното образование, вели Атанасовска, но недостасуваат поголем број часови практична работа кај работодавачите, директно во реален процес.
„Затоа што таму се учи она вистинското што на учениците им недостига. Праксата во училиште е еден начин на образување во делот на практични знаења, вештини, меѓутоа во реалниот процес кај работодавач вистина се учи она што треба. Има навистина можност за промена во наставни програми, вклучување на работодавач во креирање на таа програма по негови потреби. Значи веруваме дека со овие промени ќе настанат видни поместувања во однос на промените и интересот на учениците за стручното образование“, вели нета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиска комора Скопје.
Во меѓувреме, важно е да се подигне свеста и за циркуларната економија во модната индустрија и соодветно вреднување на трудот на оние кои се вклучени во тој процес.
Нина Стефанова











