Неефикасна и политизирана – вицепремиерот за добро владеење Фетаи вака ја опишува јавната администрација. Потребни се системски реформи и тоа е во врвот на усвоената ЕУ-агенда, а во насока на сузбивање на корупцијата на пониско ниво.
За Владата ова е приоритет, уверува вицепремиерот, без да појасни дали реформите ќе значат и кратење на администрацијата. Дополнително, во подготовка е и Законот за правична застапеност информира Фетаи.
„Имаме една преоптоварена администрација, исполитизирана и неефикасна. Има повеќе институции каде што има многу малку вработени. Сметаме дека тие треба да се спојат за да имаме поцентрализирани, поефикасни и поотчетни институции. Се земаат идеи и од граѓанското општество и од синдикатите, сѐ со цел да се подобри состојбата меѓудругото и со платите. Навистина, има плати кои не се доволни за достоен живот на граѓаните“, кажа Арбен Фетаи, вицепремиер за добро владеење и транспарентност.
Наспроти тоа, синдикатите стравуваат дека нивните забелешки нема во целост да бидат земени предвид.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека во моментов најважно е да се утврди новиот метод на пресметка на платите.
Бараат пресметувањето на платите да биде според просечната плата.
„Слушам информации дека Министерството за финансии веќе работи на нешто. Жалам ако е тоа точно и ако се работи на нешто без учество на синдикатите и на граѓанскиот сектор, а поготово за методологијата на плати. Од моја гледна точка најцрно сценарио е тие да ги слушнат сите наши забелешки, да изготват некој закон и без да нѝ го стават на расправа да го пуштат на ЕНЕР. Мислам дека тоа ќе биде погубно“, кажа Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ во вчерашната Топ Тема.
Пред неколку месеци, од собраниска процедура беа повлечени три предлог-закони за јавната администрација.
Се работи за предлог-законите за вработените во јавниот сектор, за административните службеници и за стручно усовршување и обука на административците.
Петар Догов











