Одделот за гастроентерохепатологија е преполн, болничките кревети се сите зафатени, а пациентите чекаат ред. Лекарите работат под голем притисок, справувајќи се со растечки број пациенти, недоволен број дијагностички апарати и тесен простор. Од раководството велат дека постапките за набавка на потребната опрема се во тек, но до тогаш персоналот мора да се снаоѓа со она што го има. Битката, пак, за слободно место стана рутина, просторниот капацитет е главна слабост, а доградбите кои се најавуваат допрва треба да се реализираат.
„Практично секој ден ние се бориме за слободно место. Некогаш ни замеруваат пациентите, не можат да сфатат како може да нема кревет. За жал ние сме една терциерна установа која ги прибира најтешките болни, нешто ни помагаат од „Осми септември“ меѓутоа капацитетот е мал за државата за терциерна установа“, изјави проф. д-р Мери Трајковска директорка на Клиниката за гастро-ентерохепатологија.
Расте бројот на пациенти, но и интересот за скринингот за рак на дебелото црево, кој се спроведува веќе две години, а во подготовка е и нов скрининг за рак на црниот дроб. Лекарите апелираат граѓаните навремено да прават превентивни прегледи и да не ги игнорираат симптомите. Според нив, зголемениот број пациенти е резултат на доцно јавување на лекар, недоволна превенција и се почеста појава на заболувања на дигестивниот систем. Раното откривање, велат, значително ги зголемува шансите за успешно лекување и истовремено го намалува притисокот врз здравствениот систем.
Симона Петровска
Дигитална обработка: T.Д.











