Скопје тоне во смет. Контејнерите низ градот со денови не се празнат, а во многу населби сметот останува недопрен со недели. Граѓаните велат дека веќе не знаат каде да го фрлат отпадот, а особено проблематичен е кабастиот – стариот мебел и материјалите од реновирање – кој најчесто завршува во ниви и празни парцели, каде што никнуваат диви депонии.
Единствено место каде што ваквиот отпад може да се остави е депонијата „Дрисла“. Но таму влезот се плаќа – 680 денари за тон отпад. Дополнителен проблем е тоа што и услугата за изнесување на кабаст отпад преку ЈП „Комунална хигиена“ чини многу: 2.000 денари за изнесување со двајца работници од пред врата, 2.800 денари за изнесување директно од домот и 1.600 денари ако граѓаните сами го изнесат отпадот пред камионот кој ќе го транспортира до депонијата.
Граѓаните велат дека сето тоа е голем товар за семејниот буџет и бараат општините да обезбедат бесплатни пунктови за кабаст отпад.
„Еве јас сега се соочувам со таков проблем, имам некој стар мебел и не знам што да правам со него, да го однесам во депонијата Дрисла немам свој превоз, а за да платам камион немам толку мебел“, раскажува жител.
„Кај мене пред зграда забележувам дека соседите оставаат кабаст отпад, но според мене тоа не е правилно. Мислам дека таков простор за оставање на таков вид на отпад треба да има во секоја општина и доколку некој сака да може да си земе нешто од тоа“, кажа жителка.
Освен во Скопје, овој проблем го има и во другите градови низ Македонија.
„Јас имам информации дека во Америка има место каде што граѓаните можат да го остават својот мебел, а да земат некој друг, тоа е како некој вид корисна замена“, предлага граѓанка.
Градоначалникот на општина Аеродром пак објаснува дека два пати годишно организира бесплатна акција за собирање на кабаст отпад.
„Два пати годишно обично во пролет и есен имаме акција каде граѓаните може бесплатно да го одложат својот кабаст отпад“, изјави Дејан Митески, градоначалник на Општина Аеродром.
Во меѓувреме додека граѓаните се жалат дека немаат каде да го однесат својот стар мебел и не знаат што со него, премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека подметнувањето пожари, ќе се третира како тероризам. Најави и построги казни за сите кои несоодветно го отстрануваат отпадот и го оставаат на непредвидени места.
Сепак, останува прашањето – дали е доволно двапати годишно собирање на кабаст отпад во општините? Граѓаните сметаат дека додека институциите не понудат поевтино или бесплатно решение постојано ќе има полни контејнери, а дивите депонии пак ќе продолжат да се зголемуваат.
Тамара Марковска











