Поплака или барање до Дирекцијата за заштита и спасување за инспекциски надзор на кочанската дискотека „Пулс“ немало до пожарот на 16 март, минатата година, сведочеше денеска вработен во ДЗС. Воедно дирекцијата воопшто нема вршено инспекциски надзори врз кабареа и дискотеки низ територија на Македонија. Сведокот Живко Ставревски изјави дека дирекцијата немала распоредено инспектор за подрачјето на Кочани.
„Колку што знам до сега немало поплаки и барања за иснпекциски надзор на „Пулс“. Хипотетички би можело доколку инспектор забележи неправилности да биде извршен вонреден надзор, меѓутоа ќе биде потребен некаков вид на налог. По правило мора да биде налог од претпоставениот на инспекторот“, изјави Живко Ставревски, сведок-вработен во ДЗС.
На прашањето на одбраната дали додека директор бил Селами, кој е обвинет имало стигнато пријава или барање за спроведување на инспекциски надзор во Пулс, сведокот одговори негативно. Од 2020 година било предвидено да се врши инспекциски надзор еднаш годишно во подрачја каде нема инспектор. Според сведокот, тоа било само на ниво на бројка, поради тоа што располагале со мал број на инспектори.
Судијката праша дали во годишниот план за 2025 година биле предвидени редовни инспекциски надзори во општина Кочани и дали во истите бил наведен и објектот Пулс.
„Биле предвидени надзори, меѓутоа како што кажав, како бројка, бидејќи планот тоа го бара без имиња на објекти и затоа не е предвиден точно конкретно кој објект ќе биде посетен“, додаде Ставревски, сведок-вработен во ДЗС.
По пожарот спроведени се вонредни надзори во такви угостителски обејкти на барање на МВР и други институции. За наредното рочиште предвидени се тројца сведоци, вработени во општина Кочани. Во пожарот животот го загубија 63 млади луѓе, а двесте беа повредени.
Марија Митевска
Дигитална обработка: T.Д.











