„Независни за Карпош“ одлучија на претстојните локални избори да излезат со граѓанска листа.
„Остануваме на принципот дека самостојното делување ни овозможува да се прилагодуваме на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во нашата општина. Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често ќе бара компромиси на сметка на локалните потреби. Приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори, и сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење – ќе ги искористиме тие опции“, се наведува во објавата на „Независни за Карпош“ на Фејсбук.
„Независни за Карпош“ се повлекуваат од заедничко формирање политичка партија со другите независни иницијативи.
„Конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на Општина Карпош. На независните иницијативи што продолжуваат со процесот на заедничко формирање политичка партија „Независни“ заедно и на сите новоформирани партии и независни листи им посакуваме искрен успех и остануваме отворени за соработка со нив и со сите останати граѓански иницијативи и чинители со кои делиме теми од интерес и каузи“, велат од „Независни за Карпош“.











