При преземање на владата, кон „Бехтел&Енка“ беа исплатени 260 милиони плус 40 милиони евра. Намерно ги делам. Двесте и шеесет милиони евра беа исплатени за т.н. „мобилизација“, рече Александар Николоски, вицепремиер на владата и министер за транспорт и врски, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Проектот, рамковно, треба да чини една милијарда и 300 милиони евра од кои 240 милиони се за „мобилизација“, 20 за помош на „мобилизација“, а остатокот е за изградба на автопатите. Значи, кога ќе го видите бројот на километри, не треба да го делите со милијарда и 300, туку треба да го делите на милијарда и 40“, рече Николоски.
Николоски додаде државата ќе загубела уште 100 милиони евра минимум, ако утредента бил раскинат договорот.
„Македонија ќе се доведеше во ситуација да плати 400 милиони евра од буџетот и да има 0 километри автопат, што по мене е душмански однос кон македонскиот народ и кон буџетот. Затоа се одлучивме да направиме друга работа. Тоа е да ги натераме да ги заработат парите. Ние веќе сме во процес на репреговарање. Најголемиот успех во досегашното репреговарање е што со одлука на влада ја поништивме претходната одлука на влада да се дадат дополнителни 252 милиони евра во рамки на овој проект за реализација на решение кое што беше целосно непотребно. Значи проектот од милијарда и 300 милиони, требаше да оди на милијарда и 550 милиони евра“, истакна Николоски.











