Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Никос Чаусидис : Се гордееме со нашиот идентитет, а не ја одржуваме научната база што го покрива тој аспект

/

пред 133 дена

Сподели преку :

Работи на Институтот за историја на уметност и археологија од 1986 година, а по септемвриската испитна сесија заминува во пензија. Никос Чаусидис, професор на насоката за археологија на ИИУА на Филозофскиот факултет во Скопје, алармира дека замира Институтот. Проблемот е, вели тој, што по пензионирањето на поранешните професори, работните места се затворале, а конкурси за нови вработувања не биле спроведени со години. Сега на Институтот работат вкупно 8 професори и имаат околу 60 предмети на додипломските студии. Плус се предметите за специјализантите и докторантите. По заминувањето на Чаусидис во пензија, на Институтот ќе останат 7 професори, од кои тројца на насоката за Археологија.

Не постои интерес од државата, ресорот да се одржи во оптимална состојба. Се гордееме со нашиот идентитет, а не ја одржуваме научната база што го покрива тој аспект, вели професорот.

„Малку е тоа чудно. Како од една страна на митинзи партиски, на меѓународни разни настани нели се гордееме со својот идентитет, со тоа што сме ние и.т.н. а, од друга страна, не го одржуваме ни минимумот во онаа сфера која што го покрива тој аспект. Последниот човек вработен, асистент е. Бил значи пред 12 години вработен. Во меѓувреме четворица наставници, доктори на науки, професори се отидени во пензија“, кажа проф.д-р Никос Чаусидис, од Институтот за историја на уметност и археологија.

Покрај професорите, кои имаат право да држат по два предмети на студентите, со одреден фонд часови, последниве десетина години во одржување на наставата, согласно законските можности, помагале експерти од струката. Тоа се кустоси во музеите кои немаат наставно звање, држат вежби делумно , а немаат право да држат испити. Но, и таа опција веќе е невозможна , вели професорот Чаусидис, зашто МОН последнава година не им дава хонорари на овие т.н. наставници во предавање. Деканите на Филозофскиот факултет со години од МОН барале вработување наставнички кадар, но , како што вели Чаусидис резигнирано, тоа било само формално.

„Од прва знам дека е барано. Ние всушност секоја година, како Институт од нас Деканатот бара да ги кажеме нашите потреби во технички средства и во кадровски. И ние секоја година тоа го правиме, формално. Потоа тоа оди во Деканатот, мислам дека потоа оди во Ректоратот, па од Ректоратот натаму. Но , знаеме однапред дека тоа го правиме само формално и нема никаков одговор“, вели професорот Чаусидис.

За спроведување конкурси за вработување наставнички кадар на Институтот, од МОН велат дека ја разбираат потребата за ангажирање на дополнителен кадар, за да може непречено да се реализира наставната и научно – истражувачката дејност и во таа насока се заложиле за надминување на предизвикот.

„Се надеваме дека прилика за тоа ќе има многу скоро, велат од Министерството за образование и наука“, велат од МОН.

А, од Министерството за финансии кое треба да ги одобри новите вработувања, со одговор дека тие на барањата што ги доставуваат буџетските корисници, а се однесуваат на реализација на нови вработувања, доставувава известувања или одговор, согласно законските прописи.

Сотир Трајков