Непланско градење и реконструирање на училишта, студенти кои ги праќаме на елитни факултети без договор за нивен ангажман по завршување на студии, преведени стручни книги вредни на 10 милиони евра кои ниту се дистрибуирани ниту соодветно се чуваат, ненаплатени студентски кредити стари по 20 години, преплатени услуги за превод и редактирање, згради без технички прием.
Ова се само дел од забелешките во ревизорскиот извештај за работењето на Министерството за образование и наука во 2023 година, на кое се темели издаденото неповолно мислење за финансиските извештаи на министерството.
Во 2023 година МОН без јасни критериуми, приоритети, начин и распределба на буџетски пари градел и реконструирал училишта. Како пример од ревизорите го наведуваат студентскиот дом во Тетово вреден 3,4 милиони евра кој функционира без техничка дозвола за прием и во кој не функционира кујната бидејќи нема систем за вентилација.
Ревизорите утврдиле дека државата платила речиси три милиони евра за стипендии на студенти кои го продолжиле своето надградување на еден од топ 100 рабгираниоте универзитети во светот но проблемот е што при тоа нема склучено договор за ангажирање по завршувањето на студиите со што државата непотребно губи квалитетен кадар во кој вложувала.
Исто така речиси 18 милиони евра дадени како студентски кредити во периодот од 1998 до 2010 година ниту се наплатени ниту се отпишани.
Во последните три учебни години МОН плаќал повисока цена за учебниците на македонски јазик кои биле графички и технички уредени а кои потоа се преведувале на четирите јазици во државата.
Учебниците кои МОН ги доставува на економскиот оператор на стручна редакција, графичко и техничко уредување веќе биле уредени од авторите, операторот наплатува по број на страници според договорената цена од јавната набавка, наместо само за реално уредените страници: Ваквата пракса се применува со години, бидејќи МОН делувал како издавач иако нема регистрирана издавачка дејност, се вели во ревизијата.
Во рамките на проектот за превод на 500 стручни книги и учебници од врвни универзитети во САД, Британија Франција и Германија во периодот од 2021 до 2021 година платени се 13,2 милиони евра а книгите не се дистрибуирани, не се води евиденција за прием и издавање и се чуваат во супстандардни услови.
Огнен Чанчаревиќ











