Најавените над 100 вработувања во тетовската клиничка болница отворија сомнежи дека повторно може да бидат избрани надворешни лица, наместо веќе ангажираниот персонал со договор на дело. Од Здружението „За нас“ велат дека тоа се случувало и на претходните конкурси.
„Искуството зборува за години наназад кога сестрите со статус договор на дело не беа тие што беа избрани на конкурсите. Наместо нив се вработуваа други, а тие остануваа да работат по статус договор на дело“, изјави м-р Гордана Бешлиовска, здружение на медицински сестри, техничари и акушерки „За нас“.
Ваквиот третман ги одвраќа сестрите од професијата и ги тера да ја напуштат државата, сметаат од здружението на медицински сестри „За нас“. Истовремено, алармираат дека бројот на сестри е премал во однос на бројот на доктори, што доведува до премор и „согорување“, со што страдаат и пациентите. Бараат сестрите да добијат повеќе почит, достоинствени услови и конечно – вработувања по квалификација.
„Конкурсите треба по специјалности да им бидат распишани, а ние распишуваме само за средна стручна спрема. Каде да одат тие со високо образование? Зошто ги образуваме ако не им го признаваме тоа?“, прашува Бешлиовска.
Во меѓувреме, здравствените власти се пофалија со рекордни конкурси – 119 позиции во Тетово и 120 во Прилеп, со најава и за нови вработувања на специјализанти.
Тамара Марковска











