Грипот или заболувањата слични на грип земаат замав во земјава. Во изминатата недела (23 до 29 декември) се забележани 221 случај на грип што е за 50,9 проценти повеќе во однос на претходната, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во однос на возрасната дистрибуција, 119 лица се на возраст од 15 до 64 години. Педесет се деца на возраст од пет до 14 години, а 38 до четири години. Четиринаесет се лица на возраст над 65 години.
„Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар – 43, Скопје – 38, Гостивар – 36, Куманово – 23, Кавадарци – 20, Тетово – 12, Радовиш – 11, а во Охрид, Штип, Струга, Македонски Брод, Кичево, Прилеп, Битола, Ресен и Неготино, бројот на заболени е еднаков или помал од десет. Во 11 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во четири – сезонска, а во Дебар – средна активност на вирусот на грип“, појаснија од ИЈЗ.
Од ИЈЗ потсетија дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со 29 декември, во државава се вакцинирани вкупно 72.143 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.











