Претпријатието што со години тапка под тежината на долговите, денес гледа кон иднината преку засилување на возниот парк. Во фокусот се најавите за модерни и електрични локомотиви – симбол на надежта дека транспортот може повторно да заживее. Прашањето што лебди помеѓу пероните е – дали инвестициите ќе донесат суштинска промена или ќе останат уште една станица во долгата низа на недовршени реформи.
Локомотивите ќе се набавуваат со финансиска инјекција од меѓународниот кредитор ЕБОР и сумата е околу 21 милиони евра, а плановите звучат амбициозно: нов возен парк, посигурен сообраќај и враќање на довербата кај патниците.
Петте нови електрични возила треба да внесат свежина меѓу репарираните стари машини, кои досега го носеа товарот на секојдневниот сообраќај. Но, реалноста засега останува скромна – неколку домашни линии и тишина на меѓународните правци.
„Овие пет електрични локомотиви, имајќи предвид дека од овие единаесет коишто ги имаме во моментов функционални – четири се понови, а останатите се постари, со една флота на нови пет и овие четири мислам дека ќе имаме девет локомотиви коишто целосно ќе можат да го опслужат карго-транспортот“, вели Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.
„Паралелно беа подготвени акцискиот план и бизнис планот кои ја дефинираат рамката за реформи, подобро управување и долгорочна одржливост“, додава Дејан Кошутиќ, директор на МЖ – Транспорт.
Николоски смета дека новите електрични локомотиви ќе го поттикнат и развојот на градскиот воз во Скопје, со користење електрични возови кои не загадуваат.
Во делот на железничкиот сообраќај и проектите, денеска се осврна и премиерот Мицкоски кој информираше дека се почнати градежните работи за Линијата 1 или т.н. „Градски воз“. Дополнително, изградбата на брза пруга на Коридор 10 останува во категоријата стратешки приоритети.
„Железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, а не тесно грло на економијата. Посебно важен е еколошкиот аспект. Паралелно со ова сакам да информирам дека се започнати градежни работи за Линија 1 со вредност на договорот од 360 милиони денари. Ова е тој т.н. „Градски воз“: Проектот предвидува целосна реконструкција и надградба на постоечката траса, што ќе значи побезбеден, побрз и поефикасен железнички сообраќај“, вели премиерот Мицкоски.
Македонски железници Транспорт, заклучно со третиот квартал има доспеани и неисплатени долгови од вкупно 78 милиони евра. Загубите на претпријатието се околу деветстотини илјади евра.
Според министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, средствата од ЕБОР се обезбедуваат под услови усогласени со стратегијата за одговорно управување на јавниот долг.
„Условите под кои се обезбедени средствата, долгорочен рок на отплата, поволен грејс-период и конкурентна каматна стапка се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии. Како Министерство за финансии остануваме целосно посветени на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.
Повикот за набавка на локомотивите се очекува да биде објавен во март.
Петар Догов











