Додека во Киев паѓаше првиот снег годинава, во Дњепар и Одеса паѓаа руски ракети, а нивна мета повторно беше енергетската инфраструктура. Украинските власти соопштија дека во ракетирањето на Дњепар бил уништен терминал за преработка на природен гас, како и фабрика за производство на ракети. Покрај нив нападнати биле и Запорожје, Харков и Никопол, каде исто така била таргетирана инфраструктурата.
Во меѓувреме конфузијата околу потеклото на ракетата која погоди фарма во Полска, при што загинаа две лица продолжува, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од генералштабот добил уверување дека ракетата не е украинска. Тој го повтори вчерашното барање на Киев да им биде дозволено да се вклучат во истрагата, која засега ја водат полски и американски експерти.
„Украинската позиција е многу отворена: настојуваме да ги утврдиме сите детали, сите факти. Токму затоа потребно е нашите експерти да ѝ се приклучат на меѓународната истрага, за да им обезбедиме пристап до сите информации од местото на експлозијата на нашите партнери“, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Неговиот коментар доаѓа откако полскиот претседател го одби барањето за итно вклучување на Киев во истрагата, за да ја докаже руската вмешаност во инцидентот, и по изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека не станува збор за напад врз Полска, туку најверојатно за залутана ракета од украински противвоздушен систем. Експертите сепак сметаат дека и покрај претпазливиот пристап на алијансата, сепак некаква реакција мора да има.
„Проблемот е ако пребрзо направите претпоставки, ако линијата стане премногу воинствена, можеби и од страната на НАТО, дали нема брзо да влезете во конфронтација со Русија? Сепак, мора да има одговор, бидејќи ако НАТО и Полска сигнализираат дека е во ред ракети да паѓаат во Полска, затоа што е блиску до границата. Како ќе го спречите потоа?“, истакна Кристин Берзина, стручен соработник на германскиот Маршалов фонд.
Во меѓувреме, ООН соопштија и дека бил постигнат договор за продолжување на уште 120 денови на иницијативата за извоз на украинско жито преку црноморскиот коридор.
Игор Трајков











