Предлог законот за јавно обвинителство помина на влада, ден откако Собранието распиша оглас за нов државен обвинител. Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнување на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, велат од Владата.
„Со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати“, соопштија од Владата.
И од Министерството за правда денеска посочија дека во предлог законот е предвидена потранспарентна постапка за избор на државен обвинител. Кандидатите ќе доставуваат биографии и програми за работа кои јавно ќе се објавуваат. Велат има и прецизирање во постапката за разрешување на државниот обвинител.
Законот доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, а како што велат од Правда имплементирани се и нивните предлози за кои не се потребни уставни измени. Една од препораките за кои треба да се интервенира во Уставот е наместо со просто мнозинство како до сега, државниот обвинител да се бира и разрешува со квалификувано мнозинство.
Паралелено продолжува процедурата за избор на наследник на Коцевски по актуелниот закон.
Откако огласот ќе биде објавен во „Службен весник“, стартува рокот од 15 дена во кој можат да се пријават сите заинтересирани обвинители и судии кривичари со непрекинат работен стаж од најмалку 10 години. Потоа постапката за избор се сели во Советот на јавни обвинители кој треба да даде мислење за сите кандидати. Владата од нив може да му предложи на собранието само кандидат кој добил позитивно мислење.
Постапката за разрешување на Коцевски, иницирана уште во февруари, ја разбранува јавноста. Владата тврдеше дека сторил тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители зазема спротивен став и даде негативно мислење кое е незадолжително, па постапката за разрешување, сепак, продолжи. Но, Коцевски во последен момент си даде оставка и обвини за политичка и правно неиздржана постапка за негова смена.
Елена Ивановска Мукоска











