Поднесено е обвинение против 10 физички лица и едно правно, како дел од организирана криминална група која посредувала при вршење на проституција и илегална трговија со дрога.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело за што се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник, освен злосторничко здружување, му се става на товар и кривичното дело оддавање службена тајна.
Организираната група, како што информира Обвинителството, ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
„Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив“, соопштија од Јавното обвинителство.











