Без забелешки и приговори минува првот избор за шеф на обвинителството за организиран криминал. Обвинителите гласаа кој од четворицата нивни колеги ќе седне во оваа моќна и жешка фотеља, Русковска, Пауновска, Незири или Абази. Меѓу првите утринава беше обвинителот Трајче Пеливанов, кој ја заменува Русковска откако беше суспендирана. Тој гласаше во вишото скопско обвинителство, го пополни ливчето со својот фаворит зад параванот и го стави во гласачката кутија, една од петте во цела држава. Гласањето на обвинителите не им е ново, тие до сега многу пати бираа членови на Советот на јавни обвинители, но избираат ракводител на обвинителство.
Во скопското вишо обивнителство гласаат повеќе од половина од обвинителите во државата. 91 од вкупно 163. Во истата зграда се гласа и во републичкото обвинителство и во вишите обвинителства во Штип, Битола и во Гостивар. Обвинителите имаат очекувања, но не сакаа да ги споделуваат јавно додека трае гласањето и покрај тоа што нема изборен молк.
Попладнево гласаше и Русковска. Сигурна е дека изборите ќе бидат фер. Очекува дека таа ќе победи и да продолжи таму каде што застана. Доколку поддршката ја добие некој друг од кандидатите, рече ќе признае пораз, но и ќе го советува наследникот на кои предмети да посвети повеќе внимание. Кое се тие, вели, не може да каже бидејќи се во предистрага.
Резултатите ќе се знаат попладнево откако во 16 часот ќе се затворат гласачките места и ќе се отвораат кутиите. Сумирањето на гласовите ќе се прави во Советот на јавните обвинители каде е главната изборна комисија.
Елена Ивановска Мукоска











