Наместо перници, тони и тони марихуана завршиле од земјава во Србија. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за 6 лица поврзани со петте тони марихуана кои беа пронајдени во Коњух, а излегле од Македонија преку граничниот премин „Табановце“.
Првоосомничен е сопственикот на скопската фирма „Алфафарм“, Предраг Брковиќ, кој заедно со други неидентификувани лица организирал набавка на марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од земјава до Србија со товарни возила, заради натамошна продажба.
Брковиќ им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од фирмата ЦБД Медплант од струмичкиот регион.
„Во период од околу две недели, вработените спакувале над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор. На 13.01.2026 година, во пладневните часови, двајцата ортаци (едниот осомничен во РСМ, а другиот во РС), организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврата пренесени до наведената локација“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Во исто време, петмина осомничени во атарот на селото Сарамзалино на паркинг кај локалната црква извршиле претовар на царинета стока од товарно моторно возило со приклучно возило и се упатиле накај Свети Николе.
Наместо перници, во испразнетото товарно возило биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис и од Свети Николе заминале кон граничниот премин „Табановце“ и ја напуштиле државата.
Двете лица кои помогнале за претовар всушност, според извори на Телма, сведочеле во обвинителството како се одвивал целиот процес.
Еден од осомничените тврдел дека му заканиле да учествува во шверцот на марихуаната.
„На 14.01.2026 година во 03:41 часот, товарното моторно возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух, каде заедно со други неидентификувани лица било извршено растоварање на кутиите со наркотична дрога марихуана во објект на правно лице од Крушевац, претходно обезбеден од осомничени лица за кои Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија води истражна постапка“, додадоа од ОЈО ГОКК.
Петте тони марихуана беа пронајдени на имот на Раде и Небојша Спасојевиќ кои имале фирма за корнишони.
Во нашиот северен сосед беше уапсен, Иван Драгниќ, партнерот на Брковиќ во фирмата со кој го организирал пренесувањето на марихуаната.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски кои повеќе од две недели не потврдуваа дали марихуаната излегла од земјава, сега изјавија дека согласно договорот за One stop системот, влезот го контролираат српските полицајци.
Не е прашање како марихуната излегла од Македонија, туку како влегла во Србија.
Но, Мицкоски не ја исклучи можноста да имало асистенција од македонски службеници. Тоа дополнително истрагата ќе треба да го покаже.
Марија Митевска











