Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Огласот за судија во Стразбур ќе биде објавен наредната недела

/

пред 423 дена

Сподели преку :

Огласот за судија во Стразбур ќе биде објавен наредната недела. За разлика од претходниот, ќе трае двојно подолго – 30 дена. Ова се дискутирало на првиот состанок на новата комисија за избор на тројца кандидати за Стразбур. Одлуки ќе носат на седницата закажана за наредниот вторник во Врховниот суд. Владата формираше нова комисија, откако ја поништи листата на кандидати на која се најдоа имињата на обвинителката Ристоска, судијката Гајдова и адвокатот Апостолски со образложение дека не ги исполнуваат критериумите. Кои критеруми, не објавија.

Новата комисија за избор на тројца кандидати за судија во судот во Стразбур го одржа првиот состанок во Уставниот суд. Ја утврдиле динамиката на работа, но одлуки ќе носат следниот вторник на седница во Врховниот, кога ќе бидат во полн состав. Тогаш ќе изберат претседател на комисијата и деловник со нови рокови, за што дискутирале и денеска, вели претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски кој е еден од петте членови, заедно со претседателите на Врховен, Кривичен Граѓански суд и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.

Договориле огласот да трае 30 дена, двојно подолго од претходниот, а планираат потоа уште еден месец за евалуација на пријавените, интервјуа и селекција на тројцата кандидати кои ќе патуваат до експертскиот Панел при Советот на Европа. Костадиновски е оптимист дека целата процедура ќе заврши во роковите.

„Огласот ќе биде 30 дена. Очекуваме на 3-ти или 4-ти септември да биде објавен огласот и ги кратиме роковите за наше постапување за оценка за спроведување на постапката за избор. Се договоривме за повеќе работи што се од важност за комисијата и мислиме дека ќе ги запазиме роковите поврзани со завршување на мандатот за нашиот судија. Нашите очекувања, она што се договаравме со членовите на комисијата, е најдоцна до 10-ти ноември предлогот до експертскиот Панел да биде упатен, а можеби и порано. Нашата надеж е за овој оглас, затоа и го проширивме, да се анимираат што повеќе кандидати со исполнетост на условите“, изјави Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.

Изборот за наследник на Јован Илиевски во Стразбур се врати на почеток, откако владата на 22 јули ја поништи претходната листа со која беа предложени судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски, со образложение дека не ги исполниле условите, но и покрај повикот на тројцата кандидати да ги кажат кои критериуми не ги исполниле, од владата не открија, а премиерот Мицкоски рече дека вистинската вистина ја кажува владата.

Апостолски за Tелма денеска потврди дека сè уште не добил одговор од Владата на барањето по слободен пристап на информации од јавен карактер. По одговорот ќе одлучи што понатаму. И Гајдова сè уште не одлучила дали повторно би се пријавила.

Ристовска веќе најави дека размислува да не се кандидира на новиот оглас. Обвинителката која ги води предметот „Талир“, поврзан со ВМРО-ДПМНЕ, претходно изјави дека не би сакала да верува дека нејзините предметите имаат врска со одлуката на владата. Претходно обелодени дека имала укажувања дека треба да ја повлече кандидатурата.

Сериозна загриженост искажаа и невладините од Блупринт групата за реформи во правосудството. Изборот на судија во ЕСЧП не е политичка одлука, туку тест за правна зрелост и демократски капацитет. Оценија дека се фрла сомнеж за притисоци и влијанија кои негативно влијаат на принципите на владеење на правото и правната држава.

Елена Ивановска Мукоска