Опозициските партии ја повикаа Владата да каже што планира во врска со Европската унија и да не се обидува да дефокусира од стратешките интереси.
На „Илинденска“ број 2 сѐ уште молчат по повикот од социјалдемократите за затворена собраниска седница. Наместо тоа, во тек се интерни разговори во Владата за да се дојде до решенија кои ќе бидат срочени во едно писмо со идеи до институциите во Брисел, а со една цел – да се одблокира евроинтегративниот пат на Македонија.
Премиерот Мицкоски инсистира на уставни измени со одложено дејство, напредокот на евроинтегративниот пат е врзан со внес на Бугарите во уставот и тоа сега е став на Унијата односно дел од преговарачката рамка.
Претседателот на СДСМ, Филипче, денеска порача дека нивната пратеничка група во Собранието ќе ги искористи сите механизми за да се свика седница за евроинтеграциите.
Многу најави има премиерот за некаква поддршка од некои држави за менување на преговарачката рамка – нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграциите. Меѓутоа сето тоа е некако обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти. Ние ќе го искористиме секој механизам, вклучувајќи ги и формалните механизми за свикување на седница во Собранието за следниот период, кажа Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Министерот за европски прашања, Муртезани, на вчерашната прес-конференција порача дека Владата ќе почека да завршат изборите во соседна Бугарија, пред да се презентира планот.
Ништо поврзано со ЕУ нема да се држи во тајност, кажа новата портпаролка на Владата, Марија Митева.
Секако дека кога ќе се подготви едно такво решение прво јавноста ќе биде информирана. Не станува збор за нешто коешто ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните, со јасно изразени ставови, кажа Марија Митева, портпаролка на Владата на РСМ.
Со реакција се јавија и од опозициската Демократска унија за интеграција. Интегративците ѝ порачаа на Владата да не дефокусира со најавата за писмо до европските институции.
Владата единствено се обидува да ја дефокусира јавноста бидејќи доколку ние разгледуваме наназад, тие се шампиони во однос на деструктивниот пристап, но и пропагирање против евроинтеграцискиот процес, кажа Арбана Пашоли, пратеничка од Коалицијата Европски фронт.
Додека Македонија бара гаранции од ЕУ дека нема да има нови блокади, од официјална Софија пред неколку дена повторно реагираа дека европската интеграција на Македонија се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат.
Невладини организации во земјава повикаа покрај опозицијата, во евроинтегративниот процес да се вклучи и пошироката јавност, а дипломатскиот фокус да биде насочен кон лобирање кај државите членки на Унијата – пред сѐ кај западноевропските.
Петар Догов











