Доколку не се исчисти опасниот отпад кај селото Орман, Општина Ѓорче Петров ќе поднесе кривична пријава за двајцата сопственици на приватните парцели, каде што е нелегално складиран. Ова е договорено на денешниот состанок меѓу градоначалникот Александар Стојкоски и овластениот инспектор од општината, откако вчера беа презентирани наодите од анализата на двата земени примерока кои покажале присуство на олово од 9,42 отсто, односно 5,19 отсто.
„Доколку не дојде до расчистување, ние сме спремни да одиме тука, не само со прекршочна , туку и со кривична пријава од страна на општината до лицето кое што е сопственик на плацот, бидејќи таму е затекнат самиот отпад“, изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Компанијата „Рецикал Еко- Старт“ од Инспекторатот за животна средина доби рок од 60 дена да го врати отпадот во својот круг, во Чучер Сандево. Со прегледување на документацијата е утврдено дека кај неа отпадот доаѓал од фирмата ТАБ МАК од Пробиштип, која произведува оловни акумулатори.
Таа е во бизнис врска со „Рецикал Еко-Старт“, која за неа од отпадот произведувала оловна паста, што и стигнувала преку фирмата „Рецикал Еко-Трејд“. А, на приватната парцела опасниот отпад од „Рецикал Еко-Старт“ го носела фирмата САТУС. Но „Рецикал Еко-Старт“ нема дозвола за третман на опасен отпад. За да се дислоцира, ќе треба да се вклучи друга фирма која поседува дозвола за собирање и транспорт на таков отпад или има АДР дозвола, за транспорт на опасни материи во патниот сообраќај. Па, градоначалникот Стојкоски кажа дека иако не се надлежни, ќе се вклучат да најдат таква фирма.
Од Инспекторатот „Рецикал Еко-Старт“ доби и забрана за работа 90 дена, додека од Министерството за животна средина не добие измена на А- интегрираната дозвола што ја има, а ќе и биде поднесена и кривична пријава.
Од ОЈО велат дека сè уште не ја добиле пријавата од надлежните инспекциски служби. Ќе постапат откако ќе им биде доставена. Казнета со 88.000 евра во случајов е и ТАБ МАК, но иако се обидовме, нејзиниот сопственик остана недостапен.
Сотир Трајков











