Гласна музика и по истекот на законското работно време, бучава, караници. Жителите на неколку станбени згради на улицата „Никола Русински“ во населбата Карпош 3 се жалат дека вечерите стануваат неподносливи а пријавите до Општинскиот инспекторат се без резултат бидејќи локалните продолжуваат да го кршат законот.
Пријавено било и во полиција од каде излегле на терен но во локалите немало ништо од наведеното во пријавата.
- Забавите траат до 01-02 часот, а потоа започнуваат кавги и закани помеѓу напиени гости со газдата. Во текот на една прослава – раѓање на дете, според сведоци имаше пукање со огнено оружје околу полноќ, на кое гостите аплаудираа и наздравуваа. Во текот на прославите неколку пати се забележани и малолетни деца кои повраќаат веднаш на улицата, се качуваат во кола и продолжуваат со возење, сметаат граѓаните кои живеат во општина Карпош.
Тие доставија видеа за кои тврдат дека се снимани меѓу 11 и 3 часот наутро.
Тврдат дека сопствениците на двата локала им се закануваат.
- Во текот на една „прослава“ каде што газдата го имаше поврзано својот телефон и пушташе музика по полноќ, се јавија соседи кои кажаа дека треба да намали поради тоа што спијат децата. На тоа газдата возврати со пцости кон неа, детето, мажот и повтори дека „никој ништо не ми може на мене, ќе правам што сакам“- велат жители од општина Карпош.
Од Општина Карпош соопштија дека се составува официјална информација од постапувањето на инспекторите и полициските службеници по пријавите на граѓаните и таа ќе доставена до јавноста.
Побарале интервенција од државниот инспекторат за животна средина од каде се прогласиле за ненадлежни и ги упатиле во Општина Карпош и општинскиот инспектор за животна средина.
Полицијата потврди дека минатиот петок нешто пред полноќ добиле пријава од станарите за гласна музика и бучава од кафеаната. Испратен бил тим од полициската станица Карпош, но кога пристигнале немало никаков основ за да се изрече било каква казна.
- Од страна на полициски службеници постапено е веднаш по пријавата и излезено е на местото на настанот и констатирано е дека во објектот имало околу десетина гости, но немало гласна музика ниту бучава- МВР.
Од МВР апелираат до станарите да ги достават снимките со кои располагаат а кои веќе ги доставија до медиумите за да може понатаму да се постапува.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.











