Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Отиде со другарките на концерт и не се врати дома, мајката на загината Драгана Минова ја гушнала пред “Пулс” не знаејќи дека последен пат ја гледа 16-годишната ќерка

/

пред 283 дена

Сподели преку :

-По 16-ти март, животот на моето семејство не е веќе ист. Нашите деца не починаа од природна смрт, беа убиени, задушени. Имаа право на свој живот, на своја среќа. Болката што ја носиме секој ден е тешка. 63 бројот не треба да биде запишан на хартија туку бројот 63 се човечки животи. Како да му објаснам на моето дете што ми остана, дека треба да се научи да живее со болката, кога 63 дупки беа откопани и потрупани со црна земја“ раскажуваше мајката Ирена Минова чија ќерка Драгана загина во трагедијата во Пулс, на денешното рочиште на судењето како сведок-оштетена.

Минова раскажа како ќерката околу половина час лежела на подот во болницата, сè додека докторката не повика двајца за да ја однесат.

-Мислев дека ќе ја качат во одделение, но ја однесоа во мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана ја изгубив засекогаш, беа зборовите на Ирена кои ја наполнија судницата со тага и болка

-Драгана, таа ноќ со своите другарки отиде на концерт и не се врати дома. Нејзините другарки преживеаја, но Драгана не успеавме да ја спасиме. Тој ден беше сабота, ѝ дозволив да оди на концерт на ДНК. Таа вечер не сакаше да излегува, сакаше да оди право во диско. Другарките зафатиле маса во ‘Булевар‘, но таа беше избркана од тоа кафуле, и затоа не излезе вечерта. Ме замоли да ја однесам на диско. Се слушна со своите другарки, кои и кажаа дека во ‘Булевар‘ ќе имало рација и дека во градот врие од полиција, рече мајката.

-Во периодот од 12:20 до 1 часот се качивме во колата и тргнавме накај диското, видов многу деца претежно беа малолетници, некои и ги познавав. Кога пристигнавме кај диското пред вратата имаше многу луѓе. Јас сум 40 години немам толку луѓе видено, сите беа насмеани малолетници и возрасни. Никој не претпоставуваше дека нешто ќе се случи. Таа се слушна со своите другарки и влегоа внатре со неа. Кај ‘Национал‘ светеше ротационо светло. Ја видов марицата како подзастанува кај диското. Нккој не се симна од марицата. И реков да се слушне со брат ѝ, но од гужва не се слушаше. Кога видов дека марицата си замина сфатив дека е сè во ред и тргнав да си одам. Полициското возило го немаше, сведочеше Минова.

Последниот поздрав

-Пред да се симне од колата Драгана ме гушна за последен пат, требаше да ми се јави да ја земам. Кога пристигнав дома некаде во 2.11 минути Драгана ми прати порака и видео да ми каже дека е многу убаво. Ми кажа дека е сè во ред – „Мајка биди спокојна“. Ја прашав дали има полиција. Ми пиша дека штом на „Портокалот Лазар (обезбедување во Пулс) ќерка му Дарија е тука, сè е во ред“, рече Минова.

Нејзиниот син Стефан (брат на загинатата Драгана) бил исто така на коцертот на ДНК во дискотеката, а бил заедно со другарите, сите малолетни на возраст од 13 или 14 години.

-Со оглед на тоа што исто е малолетна, вели нема да има рација. Пишуваме со неа и потоа сум заспала. Мојот син кога дошла полицијата да прави рација прво застанале кај нив на маса, но кога сфатиле дека се малолетни ги избркале надвор. Тој и неговите другари биле пред диското додека службените лица си ја вршеле својата работа. Во тој момент се создала гужва, и кога сфатил дека е пожар бил беспомошен, сакал да се врати во диското за да ја врати својата сестра. Кога не успеал ме барал мене, но не успеал. Слушнав како сопругот извикува пожар, каде е сестра ти?, сведочеше Ирена Минова.

Пеколот во Пулс

-Тргнавме накај „Пулс“, имаше полицајци кои го регулираа сообраќајот. Не дозволуваа паркинг. Во 2.11 минути беше последната комуникација, 2.38 син ми ѕвонеше, 2.50 затекнавме хаос. Кога слушнав пожар не замислував такво нешто, мислев дека сите деца се надвор. Пред вратата стоеше само една пожарна и полициско возило и болничко возило. Деца лежеа на земјата, некои од нив беа починати, некои бараа помош, лицата им беа црни. Видов возрасни кои отидоа да пружат помош. Ја барав мојата ќерка, ѕвонев. Телефонот ѕвонеше, но не креваше. Знаев дека ѝ е потребна помош. Викав на сиот глас, но немаше кој да ме слушне. Пред пожарната стоеја двајца полицајци и една полицајка, сведочеше Минова.

-Слушнав една мајка како плаче и вика каде ми е ќерката. Тоа беше мајката на Надица Наунова. Габриела бараше помош. Кога стигнав не ме пуштија да влезам во тесната врата. Бараше помош да го сруши ѕидот, но не доби помош. Сама го кршеше ѕидот, пред првата влезна врата зад која имаше ходник, ве-це, тоалет. Сакаше да направи простор да влеземе да си ги бараме децата, рече мајката на Драгана Минова.

-Јас продолжив да ја барам мојата ќерка. На вратата го видов обезбедувањето Лазар, кој ги прифаќаше децата, но не видов дека некој од обезбедувањето е внатре и помага. Тие што беа внатре и на кои им беше потребна помош никој не им помогна. Внатре влегуваше еден од пожарникарите, застануваше да земе воздух. Сето она останато дека помагале, ништо не видов, сведочеше Минова.

-Кога се вратив кај сопругот слушав деца кои бараа помош да им помогнат, имало џам со решетки. Побараа помош од полицаецот Драган Петрушев – Казак и се упатија кон прозорецот но почнаа да паѓаат делови, почна да пука нешто и се вратија. Кога се вратив таму го видов Михајло – синот од газдата, како седеше, а до него седеше Казак, стоеја на страна, гледаа, додека деца бараа помош тие стоеја и гледаа. Сега слушам дека сите помагале. Да било така немало да има ниту една жртва. Помагаа само оние што сега веќе се починати, немаше веќе простор да влезеш два-три пати, а да излезеш жив. Моето дете никаде го немаше, се присетува пред судот Ирена на најтрагичната ноќ за нејзиното семејство.

-Се сетив, бидејќи тој објект ми беше познат, пред 12 години беше магацин за ташни каде бев вработена и дека има и друг влез. Се качив по скалите, ходникот беше тесен излегуваше густ темен чад. Не знаев каде ќе ме одведе и се вратив бидејќи сметав дека и да има таму луѓе нема преживеани. Беше тешко да се гледа како едни млади животи се борат за живот. Некои од нив беа без сопствената облека, голи лежеа, раскажа што видела Ирена Минова.

По извесен период се вратила пред влезот на дискотеката и го видела сопругот како стои до ќерката Драгана.

-На нејзиното тело немаше изгореници, бев среќна, мислев дека е само онесвестена, но не и почината. Од нејзиното тело се слушале необични звуци додека ѝ давал вештачко дишење. Ја зеде во рацете ја качи во колата и ја однесовме в болница. Кога отидовме во болницата и таму беше слично. Многу народ имаше, родители, во ходникот на брза помош лежеа мртви деца. Насекаде имаше крв, се осеќаше мирисот на изгорени деца. Мојата ќерка лежеше во брза помош на земја. Таму медицинскиот персонал даваа сè од себе за да спасат, ѝ беше пружена помош. Гледав и мислев дека ќе ги отвори очите, не бев ни свесна дека моето дете не е меѓу живите. Некаде пола саат лежеше на подот сè додека докторката не повика двајца за да ја однесат. Мислев дека ќе ја качат во одделение но ја однесоа во мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана ја изгубив засекогаш. Драгана како и сите други деца отидоа на диско,на концерт, но ги дочекавме во сандаци дома, раскажуваше со родителска болка, Ирена Минова.

Битка за правда за виновниците среде празнината на загубата

Ирена Минова во своето сведочење им се обрати на обвинетите и побара да ја признаат вината за она за што се обвинети.

-Како мајка, дали постои збор дека нејзиното дете нема да ги види? Како ние ќе ја носиме таа болка кога нашите деца ги нема. Од вас не барам сожалување, туку да ја признаете вината затоа што со вашите потписи ја запечативте судбината на нашите деца, сведочеше мајката на Драгана.

На почетокот на своето излагање Ирена посочи дека загубата влијае на целото семејство и дека ветувањето кон својата ќерка која настрада ќе го исполни.

-Тука сум, не затоа што сум силна туку затоа што ѝ ветив на мојата ќерка дека кога ќе дојде денот ќе ја зборувам вистината за сè она што доживеав и видов. Денес би сакала да зборувам за тежината на еден родител како мајка која ја изгуби својата ќерка и како глас на 63 млади згаснати животи. Јас и моето четиричлено семејство. Живеевме во семејството, дом кој беше скромен. Драгана имаше 16 години, не го дочека за еден месец својот 17-ти роденден. Таа беше посветена личност, имаше свои соништа и свои желби. Драгана беше дете за пример. Беше ученичка втора година медицина во Штип. Нејзината желба беше да стане докторка – детски педијатар“, кажа мајката за Драгана, една од жртвите на пожарот во Пулс.

Ирена Минова се присети на својата Драгана како на девојка која го живеела својот живот како сите деца и дека Драгана требало да живее затоа што заслужувала.