Папата Лав 14-ти во своето прво божикно обраќање до верниците повика денеска на „правда, мир и стабилност“ во Либан, Палестина, Израел и Сирија и на мир за измачениот народ на Украина.
Во говорот на папата „Урби ет Орби“, односно за градот и за светот, првиот американски понтиф во историјата на католичката црква, пред околу 26 000 верници присутни на плоштадот Свети Петар, испрати и апел за мир и надминување на другите конфликти на планетата, како Тајланд и Камбоџа.
Папата Лав 14-ти ја обнови и традиција за испраќање божикни честитки на различни јазици, што беше топло поздравено од присутните верници.
Претходно, во својата божикна проповед, поглаварот на римокатоличката црква, се помоли и за луѓето во Газа, кои ги изгубија своите домови во израелските напади.
„Сега, во овој миг, можеме ли да не мислиме на луѓето во шатори во Газа, кои се изложени на дожд, ветер и студ и на сите оние бегалци и раселени луѓе кои ги има на секој континент. Или на импровизираните засолништа за илјадници бездомни луѓе во нашите градови. Ранливо е ткивото на населението кое не може да се одбрани и преживеало многу војни, кои се во тек или завршиле, оставајќи зад себе урнатини и отворени рани“ – изјави Папата Лав 14-ти, поглавар на римокатоличката црква.











