Владејачки и опозициски партии ја поздравуваат одлуката на САД да го стават Груби на „црната листа“ поради вмешаност во висока корупција. Неговите сопартијци накусо и без многу детали се јавија со реакција.
Дванаесет часа откако Стејт Департментот официјално соопшти, се огласија од неговата матична партија.
Интегративците во пишано соопштение и со само две реченици се осврнаа на новонастанатата ситуација. Ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот и остануваат отворени за соработка со стратешките партнери.
„Демократската Унија за Интеграција ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД. Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, се вели во соопштението на Демократската унија за интеграција.
Многупати се зборуваше за сето ова, а во следниот период јавноста ќе дознае за уште вакви случаи. Ова го кажа премиерот Мицкоски, додавајќи дека ова е само почеток.
Од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ставањето на Груби на „црната листа“ се докажало дека на ДУИ не им е грижа за народот, а шаторите и протестите пред Уставен суд се само параван за да ги сокријат своите криминали од минатото.
„Ние во минатото многупати зборувавме за сето ова за коешто сега и официјално нашите стратешки партнери и меѓународната заедница го посочуваат. Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следи уште многу потврди на сето тоа коешто сме го имале како сомневање ќе излезе во јавноста и истата ќе биде запознаена“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
Поранешниот сопартиец на Артан Груби, а сегашен вицепремиер од редовите на Вреди, Изет Меџити вели – ДУИ има катастрофа во своите редови.
Партијата досега требаше да се справи со корупцијата, оценува Меџити и ги повика сите членови на партијата од Мала Речица да го напуштат ова раководство.
„Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови, Артан Груби никогаш немаше да стане вицепремиер во Владата. Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата, Али Ахмети ќе послушаше кога баравме од него да го тргне и избрка Артан Груби. Да имаше сила Ахмети да му застане на патот на Груби и да му го пресече патот на корупцијата, да го запреше во соработката со Сашо Мијалков и Никола Груевски, ДУИ можеби немаше да отиде во опозиција“, кажа Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
Со реакции се јавија и опозициските партии.
СДСМ ја поздравува одлуката на Стејт Департментот. Велат дека поддршката на стратешките партнери е исклучително значајна во борбата против корупцијата кај нас.
Ги повикаа органите на прогонот итно да реагираат по сите овие наводи.
„Сите сомнежи за корупција и злоупотреба на јавни средства треба да бидат истражени од страна на надлежните органи во Република Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење. Ете еден апел до сите политички партии – да се остави на правосудниот систем и надлежните органи да си ја завршат работата“, кажа Јована Тренчевска од СДСМ.
Реагираа и помалите партии. Демократскиот сојуз смета дека сите што се на „црната листа“ на САД поради криминал треба да понесат политичка и кривична одговорност – и не само тие туку и нивните налогодавачи.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби вчера на социјалните мрежи напиша дека за одлуката на Стејт Департментот дознал од медиумите и истата го засега директно и лично.
Во објавата на Фејсбук, Груби вели дека својот јавен живот го посветил во одбрана на западните демократски вредности и се обврза посветено и во соработка со партнерите целосно да се разјасни ова прашање.
Петар Догов











