Патот кон излезната капија на затворите ќе биде поплочен со куп хартија. Опозицијата со амандмани ќе ја блокира најавената амнестија. Фактот што постапката за носење ќе биде скратена, но не и закитена со европско знаменце, дава можност да се поднесат бројни амандмани и на тој начин да се закочи работата во Собранието. Мицкоски најави дека токму тоа и ќе го сторат, затоа што не сакаат да се ослободат криминалци на кои владејачките партии тоа им го ветиле во замена за услуга.
Премиерот не е изненаден од оваа најава.
Како основна причина за донесување на законот е наведена потребата од ресоцијализација на осудениците, како и растоварување на затворите. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор. Со амнестијата се очекува 286 осуденици да бидат целосно ослободени од затворска казна, а 996 да бидат делумно амнестирани. Според објавениот предлог закон, казните нема да им бидат намалени на осудените на доживотен затвор, како и на тие кои се во затвор за убиство, измама при избори и гласање, мито и корупција, силување, семејно насилство и измама со пари од европски фондови.
Од министерството за Правда за утре најавија повеќе детали за законот.
Далиборка Демјанска Цветановска











