Албанија, денеска на втората меѓувладина конференција со Европската Унија (ЕУ) во Луксембург, го отвори Кластер 1 за придружување во блокот.
Кластер 1 вклучува области и поглавја од преговори како што се функционирање на демократските институции и реформи на јавната администрација кои опфаќаат Поглавје 23 кое се однесува на правосудство и основни права, Поглавје 24 кое регулира рамноправност, слобода и безбедност, потоа економски критериуми кои опфаќаат Поглавје 5 кое ги регулира јавните набавки, Поглавје 18 кое се однесува на статистика и Поглавје 32 кое се однесува на финансиска контрола.
Со состанокот претседаваа албанскиот премиер Еди Рама и шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто. Пред почетокот на втората меѓувладина конференција, Рама порача дека Албанија сака да се придружи на ЕУ и од тоа не се откажува.
„Почнуваме со најтешкиот дел од работата. Отворени се уште пет поглавја, плус три критериуми кои ќе нè принудат да одиме напред и да го завршиме тоа што се бара од нас во рок. Многу сме посветени на ЕУ од првиот ден, кога побегнавме од пеколот на диктатура, од тоа да бидеме најизолирана земја во Европа. Без оглед на ситуацијата во ЕУ, никогаш не се откажавме, бидејќи ЕУ за нас е единствено место каде сакаме да бидеме и што сакаме да го оставиме на идните генерации“, изјави Рама.
Европскиот совет ја одобри одлуката на Советот за општи работи на ЕУ за отворање на поглавја со Албанија на 26 март во 2020 година.











