Израелскиот министер за финансии. Безалел Смотрич, нареди иселување на цело палестинско село на окупираниот Западен Брег, кое долго време е цел на израелските власти.
Ваквата мерка, според Смотрич, е негов одговор на информациите дека тој можеби ќе биде наредна цел на меѓународните обвинители за воени злосторства.
Засега не е потврдено дали Меѓународниот Кривичен Суд навистина размислува за налог за апсење против Смотрич.
Судот во Хаг соопшти дека барањата и плановите за потерници за апсење остануваат доверливи.
Но овој суд веќе има издадено налози за апсење за други израелски функционери, вклучувајќи го и премиерот, Бенјамин Нетанјаху, поради обвиненија за воени злосторства поврзани со израелската војна во појасот Газа.
Израел не ја признава надлежноста на судот, но објавувањето на ваквите потерници би можеле да го отежнат меѓународното патување.
Смотрич, кој е лидер на ултра-десничарска религиозна партија и предводеше кампања на агресивно проширување на израелските населби на окупираниот Западен Брег, не кажа дали бил формално известен од судот за потерницата по него или само реагира на медиумските информации.
Сепак, тој изјави дека обидите за негово апсење претставуваат „објава на војна“.
„Од денес, секоја економска или друга цел што имам моќ да ја погодам во рамките на моите овластувања како министер за финансии ќе биде нападната“, изјави Смотрич.
Тој вели дека неговата прва цел ќе биде Хан ал-Ахмар, село на палестински Бедуини кое долго време е вклучено во правна битка за да остане на својата земја.
Смотрич, кој ја надгледува политиката за доселенички населби на Западниот Брег, потпиша директива за итна евакуација на ова село.
Не беше јасно дали наредбата може правно да се оспори и кога ќе стапи на сила. Израелските медиуми објавија дека наредбата сè уште бара одобрување од безбедносниот кабинет на Израел.
Но претходните обиди за прогон на сите жители на ова село биле оспорувани на суд.
Организацијата против експанзијата на доселеничките населби „Мир сега“соопшти дека уривањето на објектите во селото може да започне во рок од неколку недели.
Кан ал-Ахмар ја загуби својата правна заштита во 2018 година, кога израелскиот Врховен суд ја одби жалбата за блокирање на неговото уривање, што предизвика големо меѓународно негодување.
Израел тврди дека селото, дом на речиси 200 Палестинци и училиште финансирано од ЕУ, е изградено нелегално на државно земјиште.
Но критичарите велат дека е речиси невозможно да се добие градежна дозвола од Израел и дека уривањето на селото и отстранувањето на жителите е обид да се создаде простор за нови еврејски населби.
Селото се наоѓа во област каде што израелската влада воспоставува нов блок населби наречен E1 — проект кој е особено контроверзен бидејќи Палестинците и организациите за човекови права велат дека неговата стратешка локација би го направила секој евентуален иден план за идно формирање одржлива палестинска држава целосно невозможен.
Н.И











