Два ипол месеци по јавната расправа, Собраниската комисија за избори и именување конечно ја закажа седницата на која треба да се утврди листата на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Извори во Комисијата за Телма велат дека е постигнат начелен договор, но оти ништо не е готово додека не биде готово. Не се соопштуваа имиња.
Јавната расправа во ноември помина со обвинувања за политизација на регулаторното тело за медиумите.
Пратениците од опозицијата реагираа дека кандидатите со политичко минато треба да имаат доблест, па како морален и етички чин да се откажат од кандидатурата.
Законот забранува за член на Советот да биде избрано лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата или кое било член на раководни органи на политичките партии во последните 10 години.
Спорни беа кандидатурите на Афрона Верзиволи и Нафије Селмани.
Верзиволи во август беше назначена, па десетина дена подоцна, откако се утврди дека не ги исполнува условите, разрешена од функцијата Главен ревизор за ИПА. Таа немала партиска функција, но нејзиниот сопруг е шеф на локалниот огранок на Алијанса за Албанците на Таравари во Липково.
Селмани, пак, на локалните избори во 2021 беше избрана за советничка во Советот на Општина Чаир од Алтернатива, а на парламентарните избори минатата година беше кандидат за пратеник во првата изборна единица од Коалицијата Вреди. Според објавите на социјалните мрежи на лидерот на Алтернатива Африм Гаши, таа до 2021 година била дел од раководството на Алтернатива. Таа тврдеше дека никогаш не била дел од партиското раководство.
За членови на Советот беа пријавени 31 кандидат, седуммина отпаднаа поради неисполнување на условите, а двајца сами се откажаа. Од преостанатите 22 кандидати, Комисијата треба да утврди листа од седуммина кои ќе му ги предложи на Собранието.
Членовите се бираат со двотретинско и со бадентерово мнозинство, и во Комисијата и од Собранието.
Комисијата има претседател и 12 члена. За двотретинско мнозинство се потребни 9 гласа, но владејачкото мнозинство има само 8 члена, што значи дека ќе треба и барем еден опозициски глас. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има шест члена, а Вреди и ЗНАМ по 1. По два члена во комисијата имаат СДСМ и Европскиот фронт, и еден има Левица.
Срѓан Стојанчов











