Владеачката Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти освои најмногу мандати на изборите во Косово. Но, за формирање на влада, ќе мора да бара коалициски партнер, бидејќи за разлика од изборите во 2021 година, сега има, речиси, 10 отсто помалку гласови. Прелиминарните резултати покажуваат дека Самоопределување ќе има околу 47 пратеници во новото косовско Собрание. Втора е опозициската Демократска партија на Косово со 21 отсто добиени гласови, четири отсто повеќе од Демократскиот сојуз на Косово, што на двете партии им носи вкупно 20-тина мандати. Сепак, според Курти, се одело по план, додавајќи дека победата е потврда добрите, просперитетни и демократски политики што го водел во изминатите четири години.
Првичните реакции по исходот на изборите се дека ќе продолжи патот кон судир со САД и Европската Унија поради односот кон српското малцинство, но и тврдите ставови во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Според Африм Хоти, професор по меѓународно право и меѓународни односи на универзитетот во Приштина, Курти ја загубил поддршката што ја имал пред четири години, а изјавите на Ричард Гренел и американската администрација имале влијание врз изборниот резултат.
Ако Курти славеше во Приштина, Србите развеаја знамиња и направија огномет во Северна Митровица. Нивната Српска листа победи во сите српски средини во Косово, а освоените гласови и сите 10 мандати, колку што се предвидени за нејзините кандидати, ја прават петта сила на косовската политилчка сцена. Според нејзиниот претседател, Златан Елек, Српската листа е апсолутен победник на парламентарните избори.
Косовското Собрание има 120 пратеници од кои 10 се загарантирани за Србите и 10 за останатите малцински заедници. Право на глас имаа нешто над два милиона гласачи, а излезноста на беше 40 и пол отсто.
Сашко Димовски











