Почина и втората жена по семејното труење од пита со праз. 79 годишната жена две недели се бореше за живот на КАРИЛ а лекарите велат дека била во критична состојба. Во текот на денот телото ќе биде предадено на обдукција на судската медицина која треба да ги утврди причините за смртта и на вториот член од семејството.
Надлежниот јавен обвинител работи на утврдување на причините за труењето. Од домот на семејството се подигнати 20-тина различи траги за кои е издадена наредба за вештачење. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на медицинските истории на тројцата пациенти. Се преземаат и други дејствија, велат од ЈОРСМ.
Од судска медицина не откриваат детали за можните причини за смртта на двете жени, а истрагата треба да заврши оваа недела. Труење имаше и кај 55 годишниот маж кој беше на лекување на Токсикологија, сега неговата здравствена состојба е стабилна и е пуштен на домашно лекување. Трагичниот настан се случи пред половина месец кога во семеен дом при консумирање на домашно приготвена пита тричлено семејство се затру, а причината според лекарите е акутно труење со забранет пестицид во државата, Ланате. Министерот за земјоделство без одговор дали и како овој отров завршил во рацете на граѓаните, додека од Државниот инспекторат за земјоделство тврдат дека прават редовни контроли и не е утврдено дека овој пестицид е пуштен во употреба.
Симона Петровска











