Почина Никола Пилиќ (87), легенда на југословенскиот и светски тенис. Роден е во Сплит во 1939 година, во тогашното Кралство Југославија. Во младоста учеше бродоградба во родниот град, потоа се обиде да запише Вишо училиште во Загреб, но не исполни критериуми, па заврши на Вишото управно училиште во Нови Сад.
Тениската кариера ја почна во клубот Сплит во 1953 година. Четири години подоцна беше член на младинската репрезентација на Југославија, а од 1961 година беше стандарден член на сениорскиот тим. Пет пати го освојуваше првенството на Југославија во поединечна конкуренција (1962 година, 1963 година, 1964 година, 1966 година и 1967 година) и седум пати во конкуренција на двојки.
Пилиќ беше дел од групата „Осуммината згодни“ која во 1968 година го иницираше еден од првите професионални турови под називот Светско тениско првенство. Во 1973 година играше во финалето на Ролан Гарос, еден од неговите најголеми успеси на меѓународната сцена, и загуби во три сета од романскиот ас Илие Настасе.
Беше обвинет дека одбил да игра за Југославија во Дејвис купот, што доведе до негова суспензија на Вимблдон, но и масовен бојкот на лондонскиот гренд слем од бројни тенисери кои се солидаризираа со Пилиќ. Токму тој бојкот ги удри темелите на АТП кој е основан една година подоцна. Пилиќ, како дел од „Осуммината згодни“ кои беа основачи на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), беше задолжен да ја состави првата светска АТП ранг листа, рачно собирајќи ги поените.
Пилиќ во кариерата освои три АТП турнири, а најдобар пласман на АТП листата му беше 12-то место во 1973 година. Во дубл играше два меча за титула на гренд слем турнирите. Со Боро Јовановиќ загубија во финалето на Вимблдон во 1962 година, додека со Французинот Пјер Бартес го освоија Отвореното првенство на САД во 1970 година по победата во финалето над легендарната австралиска двојка Рој Емерсон/Род Лејвер.
Професионалната играчка кариера ја заврши во 1978 година, но неговото влијание во тенисот продолжи да расте преку успешната тренеска и селекторска кариера. Како селектор на Германија, трипати го освојуваше Дејвис купот (1988 година, 1989 година, 1993 година), ја предводеше и Хрватска со пехарот во 2005 година по победата над Словачка во Братислава. Беше советник во селекцијата на Србија која во 2010 година го освои Дејвис купот.
Основач е на тениска академија во близина на Минхен. Покрај Јелена Генчиќ и Маријан Вајда, се смета за најзначаен тренер што го обликуваше тенискиот пат на Ѓоковиќ. Одликуван е во Србија, долги години живеше во Германија и беше во брак со актерката Миа Адамовиќ.
Фото: printscreen/youtube.com











