И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го поддржуваат протестот на кој граѓаните бараат одговорност од институциите по несреќата во која 22-годишната Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин во Центарот на Скопје.
„Апсолутен е, оправдан е, револтот на граѓаните и тука нема никаква дилема и од еден од начините да се надмине сето ова е токму оној систем, којшто треба да детектира ваков тип на дивеење по булеварите и улиците. Не само во главниот град, туку и насекаде во државата“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„За жал, прерано згасна еден млад живот, поради еден ваков дивјак, којшто се однесувал дивјачки на улиците во главниот град“, додава Мицкоски и додава дека „час поскоро треба „Безбеден град“ системот да биде инсталиран, да функционира и сите законски измени коишто се неопходни да бидат донесени.
„Јас мислам оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што годините наназад сето ова не било направено“, рече Мицкоски.
СДСМ бара максимална казна за сторителот кој ја усмрти Фросина.
„СДСМ бара максимална казна за сторителот во брза и транспарентна постапка. Го поддржуваме револтот на граѓаните и нивните барања за правда и поголема безбедност. Во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот“, соопштија од СДСМ.
Ги повикуваат сите надлежни органи да дејствуваат без одложување и да обезбедат правда за жртвата и нејзиното семејство.
Од опозициската партија нагласуваат дека „овој шокантен настан уште еднаш ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста на улиците и потребата за итно и решително дејствување од страна на институциите“.
„Протестите се легитимно право на народот да изрази незадоволство и барање за одговорност од оние што не си ја извршиле својата должност. Владата и Министерството за внатрешни работи мора итно да преземат конкретни мерки за подобрување на безбедноста на улиците. Не смееме да дозволиме нови трагедии поради институционална небрежност“, порачуваат од опозициската партија.











