Лубеници, дињи, компири и пиперки, разновидно овошје и зеленчук. Пазарите и тезгите се преполни, но џебовите на граѓаните се празни. За разлика од пред неколку години, велат, сега има повеќе избор на тезгите и рафтовите, но малку од тоа можат да си го дозволат. Едвај успеваат да ги купат само основните производи. Највозрасните раскажуваат дека работниот стаж од четири децении не им гарантира достоинствен живот.
„Тешко се излегува на крај. Да не зборуваме за четиричлено семејство, а кога има и деца и треба да се подготвуваат за училиште, давачките се многу големи, а платите и пензиите мали. Со 40 години работен стаж, да не можеш на крај да излезеш“, вели жителка на Скопје.
„Најголем дел од парите ги трошам за храна. Облеката не се кине брзо, па ја носам подолго време. Со 24.000 денари плата што попрво да направи човек, дали сметки да плати или храна да купи. Тоа е многу ниско примање кое не е доволно ниту за основните потреби“, вели скопјанец.
Дека животот станува сè поскап потврдува и последната објавена потрошувачка кошничка од Сојузот на синдикати која, споредбено со јули, пораснала за 179 денари и сега изнесува 65.507 денари.
„Вредноста на Синдикалната минимална кошница за храната и пијалаци за месец август 2025 година изнесува 24.064 денари и споредена со месец јули 2025 година е зголемена за 382 денари“, велат од ССМ.
Граѓаните, пак, се жалат дека и со 1.000 евра месечно едно семејство не може пристојно да живее.
„Тоа сè е релативно. Не се доволни, ако се земе предвид дека треба да се живее по некој стандард. Ние сме пензионери, другите трошоци се помали, така да останува голем трошок за храна“, смета жител на главниот град.
Владата, пак, ја оспорува кошницата на ССМ и најави дека ќе направи владина кошница, но досега истата не е објавена.
Тамара Марковска











