Се оддалечува ли Македонија од курсот на надворешната политика на ЕУ?! Дел од аналитичарите ги отвораат овие дилеми, по последните потези на Владата. Премиерот Мицкоски и министрите денеска и утре се во Будимпешта, каде што ќе учествуваат на унгарско-македонскиот владин самит.
Тет-а-тет средби, билатералки помеѓу ресорните министри, заедничка владина седница. Ова е планирано да се случува во период од 48 часа.
Сепак, контекстот на посетата на Владата во Унгарија е многу поширок, оценува аналитичарот Петар Арсовски.
Тоа можеби е индиција дека геостратешки Македонија во зголемените тензии и антагонизми помеѓу САД и Европската унија може да ги избере САД како стратешки партнер и таа линија на геостратегија и геополитика, особено имајќи ги предвид блиските ставови на нашата Влада со Унгарија и гласањето за резолуцијата во ООН. Тоа е вистинската дилема и вистинското прашање – дали тоа значи оддалечување од Европската унија и напуштање на целосната усогласеност на надворешната политика на Македонија со Унијата, кажа аналитичарот Петар Арсовски.
Унгарија која е членка на Унијата, пред неколку дена блокираше нацрт-документ на ЕУ со што стопираше европски пари за Украина. Официјална Будимпешта го отфрли нацрт-текстот кој вклучува безбедносни гаранции коишто ЕУ може да ги даде на Киев, како и нов пакет воена помош.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Фејсбук напиша и дека лидерите на 19 земји во Лондон и претставниците на НАТО донеле одлука за продолжување на војната во Украина, со тоа што одлучиле поддршката за Украина да продолжи.
Во поширок, трансатлантски контекст, ставовите на САД во однос на руско-украинската војна се разликуваат од оние на Унијата, а тоа може да доведе и до одбирање страни за стратешко сојузништво, оценува аналитичарот Арсовски.
Најголемиот дел од членките на ЕУ сѐ уште сметаат дека ЕУ и САД треба да бидат на иста страна и се обидуваат да ја избегнат дихотомијата во која земјите членки ќе мораат да бираат помеѓу САД и Европската унија. Прашање е дали САД тоа ќе го дозволи, имајќи предвид дека нивната стратегија кон Русија и кон Украина е скоро дијаметрално спротивна од стратегијата на ЕУ, вели аналитичарот Арсовски.
Во рамки на владината посета на Унгарија, предвидено е министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и мнр на Унгарија, Петер Сијарто, да потпишат Акциски план за размена на експертиза за јавни службеници, за меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.
Премиерите Мицкоски и Орбан ќе имаат тет-а-тет средба, а ќе се сретнат и ресорните министри од двете влади, по што ќе следи и седницата.
Во септември минатата година во Охрид исто така се одржа заедничка меѓувладина седница, на која беше потврдено стратешкото сојузништво помеѓу двете држави, а беше и реафирмирана унгарската поддршка на македонскиот пат кон интеграција во Унијата. Македонија и Унгарија во октомври потпишаа и договор за кредитно задолжување, со што земјава зема заем од милијарда евра.
Петар Догов











