Повеќе лица загинаа а над 100 се повредени во пожар кој избил во бар во швајцарското скијачко одморалиште Кран Монтана. Пожарот, според локалните власти избил во 1 часот и 30 минути по полноќ, а се претпоставува дека барот, кој бил популарен особено меѓу локалното население бил полн со гости.
Властите засега не објавија точен број на загинати, но за време на официјалната пресконференција посочија дека станува збор за десетици. Поголемиот дел од повредените се здобиле со тешки изгореници. Меѓу загинатите и повредените има луѓе од повеќе националности, соопштија локалните власти.
Локалните жители исто така стравуваат дека во пожарот има многу жртви поради големината на операцијата на спасувачките единици и полицијата, и затоа што сирените на возилата на итната помош се слушале целата ноќ.
Цо операцијата учествувале 10 хеликоптери, 40 возила на Брзата помош и 150 припадници на итните служби, објавија локалните власти утрово.
Прелиминарната истрага не ја октри причината за избивање на пожарот, но властите категорично ја отфрлија можноста дека станува збор за некаков напад.











