Густ црн чад се шири долж брегот на Преспанското Езеро каде што беснее пожар во Паркот на природата Езерани. Огнот зафати трска и сува трева на голема површина, а ситуацијата е сериозна поради тешко пристапниот терен и вредноста на подрачјето за биодиверзитетот. На терен се ангажирани сите расположливи сили на Територијалната противпожарна единица од Ресен, ренџерската служба на Паркот, месното население, кои имаат и поддршка од воздух.

- Гори трска на огромна површина. Се уште не можеме да кажеме колкава точно површина е зафатената, но станува збор за сериозен пожар. Најголем предизвик е непристапниот терен, поради што утрово во акцијата се вклучија и два воздухоплови. Засега нема опасност за населените места, но се прават заштитни појаси за да не се прошири огнот кон Сирхан и Националниот парк Галичица, изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиоски.

Паркот на природата Езерани е под заштита и е едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот регион, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици.

- Освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на езерото, како и квалитетот на живот на локалното населени, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Емилија Мисирлиевски











