До 7 часот утрoво се евидентирани вкупно 28 пожари на отворен простор од кои два сѐ уште се активни, четири се ставени под контрола, а дури 22 се целосно изгаснати. Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во село Николиќ во општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, како и во Чучер Сандево, во пределот меѓу селата Горњани и Блаце, каде има шумски пожар.
Под контрола се четири пожарите и тоа во Општина Македонски Брод, меѓу селата Црешнево, Крапа и Локвица, каде гори деградирана дабова шума и грмушки, во Општина Македонски Брод во село Слатино каде гори ниска вегетација, во Општина Велес во село Џидимирци каде гори ниска вегетација, како и во Општина Ресен во село Перово, каде гори трска.











