По 12 дневна битка пожарот на Галичица е ставен под контрола, соопштија од Националниот парк. Но сепак состојбата и натаму будно се следи затоа што сѐ уште има жаришта кои можат повторно да се активираат.
Овде одекнале над сто детонации од гранати од голем калибар останати од Првата светска војна, што претставува дополнителен проблем при гаснењето. Вчера на овој пожар се делуваше на трите страни во периметар од 10 километри со 120 пожарникари, доброволци, вработени во националниот парк и со 5 воздухоплови, 3 ер трактрои и два хеликоптери, кога е совладан огнот на источниот фронт.
Денеска имаме сто пожарникари на земја кои работат, една третина се на тој дел, се обезбедуваат појасите, ги осигуруваат претходните жаришта. Ситуацијата е под контрола, но будно се следи бидејќи превентивно треба да сме претпазливи. Пожарот е на два километри во Албанија и повторно може да ни направи проблем. Вчера меѓународни авиони гасеа и кај нив, кажа раководителот за противпожарна заштита во НП Галичица, Ѓуро Јовчески.
На северната страна на огнениот појас кој е над Охрид веќе се пристапаува кон негово целосно ликвидирање, но од Националниот парк Галичица велат дека најголем проблем е западниот фронт, а покрај силите од земја, овде повторно се вклучени и воздухопловите.
Најголем проблем беше западниот фронт, тој дел се стави под контрола, но сѐ уште постојат индиции, на одреден дел има чад и треба да се следи будно. Возможно е во текот на денот со зголемување на температурата да се појават жаришта, рече Јовчески.
Во битолско денеска изгаснат е пожарот во Потпелистерието, а денеска сите сили се насочени кон пожарот кој повеќе од 10 дена беснее во Мариовскиот крај, каде гори ниска вегетација и деградирана шума. Овде се водеше битка околу селата Скочивир, Паралово, Брод, а беа опожарени стари куќи, трла. Сега пожарникарите се подготвуваат за нов фронт.
Во Мариовскиот дел кај селата Рапеш и Брник имаме активен пожар, имаме наши екипи таму. Се подготвуваме доколку ветрот го разгори. Треба да го пречекаме кај Рапеш, таму сега се стационираме. Имаме екипи, вели Горан Димковски, командир на ТППЕ Битола.
Инаку денеска во земјва има 12 активни пожари, а покрај во битолско Мариово и на Галичица, тешки битки со пожарот се водат и во ловиштето Јасен, кој како што соопштија од ЦУК се очекува денеска да биде ставен под контрола.
Исто така, во текот на денешниот ден под контрола се ставен уште 6 пожари.
Емилија Мисирлиевска











