Откако Уставниот суд го укина балансерот како механизам за вработувања во институциите по етнички клуч , владеачката „Вреди“ објави дека се подготвува нов Закон за правична застапеност. Министерот Арбен Таравари рече дека новото законско решение ќе се фокусира не само на етничката застапеност, туку и на сите маргинализирани категории во општеството.
–„Вреди“ подготвува нов закон, кој што се надевам идната недела ќе биде во јавна дебата. Ќе бидеме в координација со партнерите во коалиција. Од сите страни е констатирано дека балансерот не функционираше како што треба. Нам ни треба јавна дебата и синхронизација, бидејќи правичната застапеност е уставна категорија и секогаш кога нешто е уставна категорија, треба да постои и закон, рече Арбен Таравари, министер за здравство.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека со коалиционите партнери веќе разговарале за нов законски механизам за правична застапеност. .
-Ние разговаравме во рамките на коалицијата, коалицијата има демократски механизам, Бадинтер е уставна категорија, многу пати во минатото зборувавме дека балансерот не само што го има надживеано своето време туку и се злоупотребува и треба да се избрише, но и да се најде законски механизам со кој ќе се регулира правичната застапеност, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во средата Уставниот суд го укина Балансерот, оценувајќи го како алатка која ги повредува уставните начела за слободно изразување на националната припадност, достапноста на работното место и забраната за дискриминација. Ова предизвика поделени реакции,а ДУИ смета дека ваквата одлука е удар врз Уставот на државата. Од Уставниот суд пак рекоа дека нивната одлука е правна и нема политичка заднина.
Емилија Мисирлиевски











