Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пред три месеци победи на тендер и доби лиценца, моментно под 30-дневна забрана за работа – нефункционален сообраќаен испитен центар во Битола

/

пред 428 дена

Сподели преку :

Сопственикот на битолскиот сообраќаен испитен центар „Супер возач“, Филип Митрески од Кичево, и денеска не одговара на телефонските повици, откако министерството за внатрешни работи (МВР) ѝ изрече забрана за работа на неговата компанија поради неправилности.

„Супер возач“ пред само три месеци победи на тендерот на МВР и доби лиценца за организирање на возачки испити во Битола, во Прилеп, во Ресен, во Демир Хисар, во Крушево и во Македонски Брод. Но, по извршената контрола, МВР соопшти дека фирмата на Митревски, кој инаку е советник во Советот на Општина Кичево, не ги исполнува условите, поради што е изречена забрана за работа.

Испитниот центар се огласи единствено на својата веб страница, каде што кандидатите ги известува дека нема да работи, без да наведе причини.

„Испитниот центар нема да закажува и спроведува испити од 12.08.2025 година најдоцна до 13.09.2025 година“, се наведува во објавата на сообраќајниот испитен центар „Супер возач“ во Битола. 

Од МВР информираа дека при надзорот не била доставена комплетна документација во однос на потребниот стручен кадар и возилата, како и дека не се водела уредна евиденција за испитите.

Опозициската СДСМ денеска побара од Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет за тендерот, а од Обвинителството да покрене истрага.

„Дали милионскиот тендер е доделен само затоа што зад оваа фирма стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова ли е шемата за испумпување на парите на граѓаните преку фирми блиски до власта? Ова се јасни индиции за однапред наместен тендер и сомнежи за корупција кои мора темелно да се истражат“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Битола шест месеци, од декември до јуни, беше без сообраќаен испитен центар, откако му заврши договорот на претходниот оператор, а неколку огласи за избор на нов беа неуспешни. „Супер возач“ почна со работа пред три месеци, а сега има забрана за спроведување на возачки испити и рок од 30 дена за да ги отстрани утврдените неправилности.

Во меѓувреме, автошколите предупредуваат на големи финансиски загуби, а кандидатите за возачка дозвола се револтирани што Битола повторно остана без сообраќаен испитен центар.

Емилија Мисирлиевски