За проблемот со оштетените учебници во Тетово за кој алармираше и раководителот на секторот за јавни дејности во Општина Тетово, Назми Даути, министерката Јаневска вината ја гледа во училиштата. Затоа што нивна должност е на крајот од годината да пријават доколку имаат зголемен број на ученици или пак имаат оштетени учебници. Доколку тие не го сторат тоа, од МОН нема да можат да дистрибуираат доволен број учебници. Но, сепак според министерката Јаневска проблемот во Тетово не е реален бидејќи родителите не ги платиле оштетените учебници.
„Законот предвидува ако учебникот е оштетен, родителот треба да исплати сума за обнова на учебник од 10 до 70%, во зависност од оштетувањето. Тие ги штеделе родителите од за мене непознати причини, тие треба да си кажат зошто, и не ги пријавувале оштетените учебници“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Новиот предлог Закон за учебници во основните и средните училишта е изготвен и поставен на Електронскиот национален регистар на прописи. Од Министерството за образование и наука велат дека се отворени за сугестии од јавноста во наредните дваесет дена. Издавачките куќи имаат можност да учествуваат со учебници кои веќе се изготвени. Откако ќе помине првата година ќе се оцени дали работата може да се префрли на издавачките куќи. Оние постапки кои сега се во тек ќе продолжат да се спроведуваат на стариот начин.
„Новината е што овојпат им даваме можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе изготвени учебници кои потоа во процедура на избор, одобрување и рецензија би биле избрани. Обврската за печатење се префрла на издавачките куќи, кои со договор би биле обврзани да ги достават учебниците до 1 септември“, додаде Јаневска.
Изминативе неколку години по некои предмети немаше учебници до крајот на школската година, а во оние ги имаше постоеа низа грешки.
Со новиот закон за учебници се очекува да има учебници со поквалитетна содржина, намалување на грешките и полесна постапка за набавка со што учебниците повеќе не би доцнеле во училиштата.
Тамара Марковска











