Соединетите Американски Држави со силно писмено предупредување до израелската влада. Под итно во рок од 30 дена да се засили пристапот до хуманитарна помош во Газа, да се стави крај на „изолацијата на северна Газа“, во спротивно, се вели, САД ќе ја стопира воената помош.
Писмото било испратено пред два дена, а го потпишале американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин. Израел минатиот месец попречи речиси 90 отсто од хуманитарните конвои меѓу северниот и јужниот дел на Газа. А наредбите за евакуација ги принудија 1,7 милиони луѓе да останат во тесниот крајбрежен појас каде што се изложени на „висок ризик од смртоносна зараза“.
Портпаролот на израелската влада рече дека Израел ги слуша САД, но владата „ќе ги донесе конечните одлуки врз основа на националниот интерес“.
И покрај ова предупредување, Израел ја очекува испораката на воена помош од Соединетите Држави, кои најавија дека ќе го испратат својот напреден ракетен одбранбен систем THAAD (Terminal High Altitude Area Defense). Како што соопшти Пентагон, САД, исто така, ќе испратат и војници да управуваат со системот.
- „Израел никогаш не побарал „американски чизми“ во земјава. Овој американски персонал ќе управува со системот за противракетна одбрана THAAD, кој може да ги истрела од небото од многу големи овие ирански ракети со кои Иран ни се заканува, рече Дејвид Менсер, портпарол на израелската влада.
Владиниот кабинет на Нетанјаху веќе изготвил план за одмазда на Иран по неодамнешниот напад со стотици балистички ракети. Планот чека одобрување од воениот кабинет на Израел. „Одговорот ќе биде болен и изненадувачки кон Иран“, најави израелскиот министер за одбрана Галант.
- „Немаме намера да трпиме кршење на суверенитетот и обид да им наштетиме на израелските граѓани и инфраструктура без да реагираме, одговорот ќе биде прецизен, болен и изненадувачки за Иран“, рече Јоав Галант, израелски министер за одбрана.
Во исто време во своето трето појавување по убиството на Насрала, заменик – шефот на Хезболах, шеикот Наим Касен се закани дека нападите на групата поддржана од Иран ќе се прошират на израелска територија.
- „Бидејќи израелскиот непријател одлучи да го таргетира Либан, тоа значи дека имаме право, согласно одбранбена стратегија, да таргетираме која било точка во израелскиот непријател, без разлика дали е во центар, запад или југ. Ќе ја избереме точката што ќе ја сметаме за најсоодветна“, рече Шеик Наим Касем, заменик-шеф на Хезболах.
Денеска Израел го обвини Хезболах дека ги користи позициите на мировниците на Обединетите нации како штит за дејствување, а дека УНИФИЛ треба да го послуша повикот на премиер Бенјамин Нетанјаху за привремено напуштање на опасната зона.
Според либанското Министерство за здравство околу 2.300 луѓе се убиени во израелските напади во минатата година во Либан, а повеќе од три четвртини од смртните случаи се случиле во текот на изминатиот месец.
Билјана Ставрова











