Премиерот Христијан Мицкоски ќе чека докази за да го разреши замeник директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго. Доколку се потврди дека ја убил мечката со која се фотографирал, нема да толерира вакво однесување, а ќе бара и одговорност од него.
„Доколку се потврдат овие тврдења ќе бараме одговорност и ќе биде под итно разрешен. Апсолутно, таквите девијантни однесувања, доколку се потврдат, јас нити ги оправдувам нити немам намера да ги амнестирам“, рече Христијан Мицкоски, премиер.
Случајот го отвори здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, кое објави фотографија на која е заменик директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго со снајперска пушка покрај мртва мечка, животно кое под највисок степен на заштита кај нас .
Здружението тврди дека според нивните информации, тој ја убил мечката во декември минатата година, додека пак Дранго во изјава за Телма рече дека животното било усмртено во сообраќајна несреќа на патот Битола Ресен, за што полицијата направила и записник, а тој се појавил таму при отстранување на мечката од коловозот како вработен во “Македонија пат“. Не објасни зошто е во ловџиска униформа и зошто носи снајперска пушка. Но, полицијата демантираше дека на овој патен правец е регистрирана сообраќајна несреќа во која возило усмрти мечка.
Исто така, од МВР ги потврдија сомнежите на „Анима Мунди“, дека на Саша Дранго му е одземена дозволата за поседување оружје во 2018 година поради сторен прекршок. Ако фотографијата е направена во декември, како што изјави и Дранго, кога тој позира со усмртена мечка, за оружјето кое го носи на рамо нема дозвола.
Битолското обвинителство оформи предмет по допрен глас, а од таму најавија дека случајот целосно се проверува. Според македонското законодавство за мечката има трајна забрана за лов, а предвидена е парична но и затворска казна до три години за ловење дивеч под заштита.
Емилија Мисирлиевски











